За една година увезени скоро 400.000 бумбари и 30.000 гулаби

Станува збор за бумбари познати како „бомбус терестрис“ кои земјоделците најмногу ги користат во процесот на опрашување во пластеници и оранжерии кај домат, но и кај останатите градинарски култури. 

Валентина Ангеловска

Македонија за една година увезла скоро 400.000  бумбари од Словачка. Станува збор за бумбари кои се користат во процесот на опрашување во пластеници и оранжерии познати како „бомбус терестрис“. Дека царува увозот на живи животни во земјава говори и податокот дека покрај бумбари лани во земјава „долетале“ и 30.000 гулаби, 77 расни кози, 25 муфлони, 771 расни свињи за парање, 656 расни говеда, и што уште не. Пари се одвоени за аквариуски риби и желки, диви јарци и кози. Фармерите велат дека методата за опрашување ја користат веќе неколку години и дека со нивна примена во градинарството секој цвет се опрашува, а резултатите се квалитетни и правилни домати кои ги бара пазарот. Бумбарите се увезуваат во кутии, а цената е околу стотина евра.

Бумбар од родот на пчели

Професорката по ентомологија Станислава Лазаревска од Факултетот за земјоделство и храна вели дека користењето на овие бумбари во аграрот дава одлични резултати.

Тоа се инсекти од родот „бомбус терестрис“ кои се користат за опрашување.Најдобри резултати даваат во затворени простории. Во светот се користат за растенија кај кои оплодувањето оди тешко. Бенефитот е голем.Со него се опрашуваат најголем дел од цветовите. Со ова се добиваат и повеќе плодови од класичното оплодување. Многу се значајни за т.н самооплодни култури- вели Лазаревска.

Таа објаснува дека кај нас засега се користат само кај градинарските и тоа најмногу кај доматите. Инаку бумбарот во природна средина живее низ цела Европа, а го има и кај нас на отворено, но бројката е многу мала. Затоа и се увезува.   

Увезените бумбари припаѓаат на родот пчели, но не произведува мед. Единствена добра страна му е можноста за опрашување. Нивното производство започнало во 1987 година за прв пат во Белгија.  Во почетокот со нив се опрашувале само 3 отсто од посевите, а потоа за неколку години опрашувањето со овој инсект се користело во 95 отсто од посевите. Денес во ЕУ се користи и кај најголем број на овошки кои се заштитени со зелени мрежи. За овој тип на бумбар е интересно што секогаш оди од долните кон горните цветови и никогаш не посетува еден ист цвет. Во една минута посетуваат 20 до 30 цветови. Ако цветот е опрашен на него се гледаат кафеави точки, а бојата на цветот кој го посетил инсектот се менува за неколку часови. Докажано е дека доколку во насадот се користат овие бумбари за опрашување приносот се зголемува од 3 до 10 отсто.

Од коњи до аквариумски желки

Официјалните податоци говорат дека увозот на живи животни во се остварува преку патниот сообраќај, како и преку воздушен сообраќај, што директно зависи од видот на животните како и нивната крајна намена.

-Имено преку патниот сообраќај се увезуваат крупните видови животни (говеда, овци, свињи и коњи) чија намена е одгледување, продукција и колење после увозот. Исто така преку патен сообраќај се увезуваат еднодневните пилиња наменети за бројлерско производство или несење. Потеклото на пратките живи животни е пред се од земјите членки на ЕУ и земјите членки на ЦЕФТА. Пратките со украсни риби и аквариумски желки, во најголем дел по потекло се од Сингапур и Бразил, а нивниот увоз се остварува преку авионски сообраќај – Аеродром Скопје- стои во официјалните податоци.

На ветеринарно инспекциско место на ГП Табановце, во 2017 година се увезени вкупно 76 пратки со живи животни. Од нив, 624 се живи животни од видот говеда, 1.507 живи животни од видот свињи, 167.489 живи животни живина, и 24.092 гулаби. На скопскиот Аеродром  увезени се 135.685 единки украси рипки и 2.500 единки украсни аквариумски желки. На Богородица, пак влегле 547.512 броја живина, 21 див јарец, 25 муфлони, 67 расни кози, 28 расни овци и 18 расни свињи.

Од Бугарија пак на граничниот премин Ново Село, во 2017 година се увезени 103.720 броја живина 13.300 кг жива риба за одгледување и 2.000 кг рибен подмладок. На Меџитлија, во 2017 година увезени се 30 овци, 10 кози за одгледување и 6 диви јарци. На Блаце увезени се 15 коњи, 6.560 гулаби, 43.600 кг риба за насад и 2.400 кг рибен подмладок.

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави