Денес и утре, во Охрид, се одржува 6-тата Годишна Дримска Конференција на која земаа учество околу 120 учесници – претставници на надлежните институции во Дримскиот Басен од Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово, како и претставници од меѓународните организации и донатори.
Конференцијата се организира во рамките на Дримската Координирана акција (CORDA) за имплементација на Меморандумот за разбирање за Дрим (MoU) и поддржувачкиот проект на ГЕФ/УНДП: “Овозможување на прекугранична соработка и интегрирано управување со водните ресурси во проширениот басен на Дрим” (Drin Project ).
На отварањето на настанот присуствуваше и Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање. Во воведното обраќање Петровска ги поздрави напорите за одржување на ваков комплексен форум на кој ќе се дискутира за проблемите и решенијата за заштита на Дримскиот басен, а со тоа и на Охридското Езеро, особено што во последно време тоа е една од жешките еколошки точки.
Според неа, особено важни се наодите на дијагностичката анализа на Басенот направена со поддршка на ГЕФ кои укажуваат дека контролата на протоците на водата во низводните држави во зависност од работата на хидроенергетските проекти, потоа транспорт на седиментите и пливачкиот отпад и поплавите се главните идентфикувани заеднички проблеми на засегнатите држави. Посакувајќи им успешна работа на учесниците, Петровска го искажа задоволството од високиот степен на соработка и посветеност на државите во решавање на заедничките проблеми.
Настанот го отвори Дејан Пановски, програмски директор на проектот, а воведни обраќања имаа и Анита Коџоман, раководител на Одделение за енергетика, животна средина и управување со ризици од катастрофи во УНДП, која образложи во која фаза е проектот со наговестување дека во иднина следи утврдување на акциски план и спроведување на преговори меѓу државите, и новиот регионален советник во Економска комисија на Обединетите нации за Европа, Сарангу Раднарагча која истакна дека УНЕЦЕ Конвенцијата е меѓу првите со фокус на водата-енергетиката, храната и еко-системите.
На конференцијата покрај нацртот на Прекуграничната дијагностичка анализа на Басенот се преставени и извештаите за работата на ГЕФ Дримскиот проект, посебните изготвени извештаи за хидрологијата и за загадувањето на басенот, а главна тема на која панелистите дискутираат денес и утре е поврзаноста помеѓу водата-храната-енергијата и екосистемот во Дримскиот Басен и интерсекторската координација.