Oфицијална Виена сака да го продолжи дијалогот со Русија, но шпионажата ја смета за неприфатлив метод, рече австрискиот канцелар Себастијан Курц по состанокот на кабинетот.
„Имаме јасен став кон ова прашање и кон Русија. Сакаме да го одржиме дијалогот, но знаеме што се случи во Холандија и Велика Британија, а тогаш изразивме солидарност со нашите европски партнери. Ако на наша територија се одвиваат шпионски активности, без разлика од која земја се поттикнати, сметаме дека тоа е неприфатливо и ќе се бориме против таквите активности“, рече Курц.
Австрискиот канцелар истакна дека одговорот на Виена по најновите случувања во односите со Русија бил јасен и дека за тоа се известени и европските партнери, пренесе агенцијата „Тасс“.
„Тоа нема да ги подобри односите меѓу ЕУ и Русија. Сигурни сме дека е важно да имаме канали за дијалог со Русија, а ние исто така веруваме дека траен мир на континентот е возможен само во соработка со Русија, а не со противења кон таа земја“, истакнал австрискиот канцелар.
Тој, исто така, рекол дека Австрија нема да протера руските дипломати поради скандалот за шпионажа во кој е вмешан австриски полковник во пензија, за кој се смета дека шпионирал во интерес на Русија.