Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека водачите на исламскиот екстремистички Хамас кој управува со Појасот Газа молеле за прекин на огнот.
Ова е прва изјава на Нетанјаху откако беше објавено дека израелската влада, наводно, се согласила на прекин на оганот на југот од земјата кој веќе е на сила, објавија израелските медиуми.
Нетанјаху на комеморацијата за првиот премиер на Израел, таткото на нацијата, Давид Бен-Гурион, рече дека не може да изнесе детали за издните планови во врска со ситуацијата во Газа.
„Ние ќе ги поставиме условите во вистинско време за Израел и за безбедноста на нашите граѓани“, рече тој.
Нетанјаху беше изложен на критики од десничарите и на некои жители од јужниот дел на Израел, кои бараа многу поагресивен одговор за најновиот терор на Хамас од Газа.
Палестинските екстремисти во вчерашниот напад за еден ден лансираа 460 ракети и минофрлачки проектили кон Израел, а израелската армија спроведе воздушни напади врз 160 мети во Газа, објави агенцијата АП.
Во најновиот судир беа убиени седуммина Палестинци, од кои петорица биле екстремисти.
Едно лице загина и во Израел, кога ракета паднала на станбена зграда, а три лица се здобиле со повреди опасни по живот.
Ова беше најжестоката ескалација на насилство од војната во 2014. година меѓу Хамас и Израел.