Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот систем смета дека е неопходно формирање на посебно одделение во кривичниот суд за предметите на специјалното јавно обвинителство. Советот вчера на седница ги разгледа измените на Законите за судови, за судски совет и Кривичниот законик.
Отворајќи ја дебатата, министерката за правда Рената Десковска, која претседаваше со работата на седницата, ги елаборираше предложените измените на законите кои се разгледуваа, со посебен осврт на Законот за судови. Членовите на Советот своите дискусии, главно, ги насочија на работата на скопскиот кривичен суд, како најголем и како суд со посебни овластувања.
„Акцентот беше ставен на неопходноста од формирање на посебно одделение кое ќе ги суди предметите кои сега ги застапува специјалното јавно обвинителство, а за кое, исто така, беа дадени одредени предлози во насока на негова трансформација и натамошно функционирање“, соопштија од Владата.
Адвокатот Александар Тумановски го отвори прашањето за измена на членот 46 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови, а за кој Адвокатската комора на РМ, во текот на вчерашниот ден достави допис до Владата и до Министерството за правда, како и до Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, со кој се предлага и адвокатите, како дел од правосудниот систем, да можат да бидат предложени во постапките за избор на судии.
Претседателот на Основниот суд Скопје 2 – Скопје, судијата Илир Сулејмани, го отвори прашањето од недостиг на судии во тој суд, како и за видот и начинот на санкционирање на судиите, побара јасно разграничување на термините нестручно и несовесно постапување на судија во текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови.