Во Кривичниот суд на денешното рочиште за „27 април” се презентираат смс и вибер пораките од телефонот на пратеникот Крсто Мукоски, што ги испраќал дента кога се случи насилниот упад во Собранието на Република Македонија.
Најпрвин се презентираше комуникацијата на вибер групата, меѓу пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Васил Пишев, Бети Кузмановска, Емил Димитриев, Миле Јанакиески и други лица од 27 април мината година.
Во 20:36 часот, кога веќе толпата е влезена во Парламентот, соговорник во вибер групата на телефонот на Мукоски пишува „Зоки требаше до сега на едно друго место да биде…ама за тоа другпат”.
Во вибер комуникацијата се вклучува и жена, која во телефонот на Мукоски била запишана како колешка Чаир. Таа пишива „ Шекерка мене остајте ми ја. Отварајте дечки вратите”.
Во судот беа презентирани и пораките од телефонот на Весел Мемеди. Тој добива пораки – „дали сте безбедни вантре. Дај Боже оваа работа да помине без проблем”, потоа „дали да се организираат да доаѓаат во Скопје и дали има потреба да го спасуваат”. Тој им одговара дека е на безбедно и нема потреба да доаѓаат, но дека ситуацијата е многу лоша.