Градоначлникот Филип Темелковски другаруваше со дечињата во ПОУ „Д-р Златан Сремец“
Во рамки на проектот „Спортуваме, другаруваме”, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски ги посети дечињата во специјалното училиште ПОУ „Д-р Златан Сремец”.
На оваа средба дечињата пред градоначалникот ги покажаа своите спортски вештини, кои со помош на своите наставнички/негувателки успешно ги изведоа во холот на училиштето. Децата имаа можност да се запознаат и да се дружат со градоначалникот, кој им подели 120 маички на кои го пишува името на општинскиот проект „Спортуваме другаруваме”.
Директорката на училиштето, Марија Делетиќ го информираше градоначалникот за тековните активности кои ги преземаат, како и за потребите и проблемите со кои се соочуваат. Темелковски најави дека следната година Општина Кисела Вода ќе го снабди училиштето со спортски реквизити со кои би се мотивирале децата повеќе да спортуваат, со што ќе им се излезе во пресрет за дел од нивните потреби.
Покрај ова, со оглед на тоа што директорката кажа дека почната е постапка за обезбедување на сопствен превоз комбе за учениците, градоначалникот истакна дека по завршувањето на истата, училиштето за потребите на дечињата во иднина ќе може непречено да ги користи спортските сали „Независна Македонија” и „Архиепископ Доситеј”. Воедно, на крајот од овој месец истиот проект ќе се реализира и во ДУРДМОВ „Димитар Влахов” , каде ќе се одржи манифестацијата „Гол, бол”.
Имено, проектот „Спортуваме другаруваме” кој Општина Кисела Вода го спроведува наменет е за ПОУ „Д-р Златан Сремец” и училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”. Истите се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа.