Три лица потешко повредени во сообраќајки во Скопје
Три лица се здобиле со тешки телесни повреди во три од вкупно 43 сообраќајки што се случиле во текот на изминатите три дена во Скопје. Во 22 сообраќајки со полесни повреди се здобило 41 лице, а во 18 била причинета материјална штета.
Од СВР Скопје информираат дека викендов сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Сто и четири возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, осум возачи поминале на крстосница на црвено светло, двајца возачи не дале првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин и двајца возачи за неправилно престројување.
Од сообраќај биле исклучени вкупно 63 возачи, од кои 31 возач кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 26 пред да се стекнат со право на управување и шест возачи почетници, како и две технички неисправни возила и 24 нерегистрирани возила.
Затекнати биле 182 возила непрописно паркирани.
Со помош на специјалното возило пајак, отстранети биле 110 возила.
Денеска Одделението за превенција заедно со членовите на УСЕ од ООУ „Димитар Миладинов” ќе преземат превентивни мерки од областа на сообраќајот пред, односно непосредна близина на истоименото училиште.