На покана од Европскиот парламент, претседателката на собраниската Комисија за култура, Ирена Стефоска, ќе учествува на меѓупарламентарен комисиски состанок на тема „Европско културно наследство“ што ќе се одржи денеска и утре во Европскиот парламент во Брисел.
Како што наведуваат од прес-службата на Собранието, 2018 година е прогласена за Европска година на културното наследство и по тој повод Комисијата за култура и едукација при Европскиот парламент ги повикува националните парламенти на земјите членки и земјите кандидати на ЕУ да земат учество на заеднички меѓупарламентарен комисиски состанок.
Претставниците на националните парламенти на состанокот ќе имаат можност за заедничка дискусија во насока на понатамошно унапредување на културното наследство на европско и национално ниво.
Програмата ќе се одвива во три работни сесии на тема: „Култура и идентитет“, „Заштита, конзервација и реставрација на културното наследство“ и „Културното наследство и образованието“, при што со пленарна сесија ќе се заклучи дводневната работа на меѓупарламентарниот комисиски состанок.