СДСМ: Владата со низа мерки дејствува за намалување на загадувањето
Оттаму истакнуваат дека аерозагадувањето останува врвен стратешки приоритет за Владата предводена од СДСМ, која како што велат, за разлика од лицемерниот однос на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со надлежните институции, Градот Скопје и општините започнала системско решавање на долгогодишниот проблем, кој, според нив, претходната власт го игнорирала со години.
„Со усвоениот План за чист воздух, 10 илјади домаќинства ќе бидат приклучени на парно греење, 20 илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15 илјади семејства имаат шанса да ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 семејства ќе добијат приклучок за гас. Истовремено, ќе се засили и инспекцискиот надзор и контрола, а ќе се субвенционира набавката на еколошки автомобили“, се наведува во партиското соопштение.
Од СДСМ додаваат дека Град Скопје вовел и неколку градски електрични автобуси и автобуси на гас, а, како што велат, веќе е планирана и набавка на нови 40 еколошки градски автобуси во следната година, со што старите кои претставуваат големи загадувачи би се исфрлиле од употреба.
Ова се само дел од мерките кои се спроведуваат и ќе се спроведуваат со цел загадувањето двојно да се намали веќе во следната година, наведуваат од владејачката партија.