Експремиерот Никола Груевски и официјално е азилант во Унгарија, објавуваат унгарските медиуми повикувајќи се на се уште непотврдени информации кои во секој момент се очекува да бидат обелоденети од унгарската Влада.
Унгарските новинари со кои контактираше „Макфакс“ тврдат дека со оглед на сите олеснителни околности кои биле земени предвид, јасно е дека барањето за азил на Груевски е одобрено.
Според нив, ставот на Канцеларијата за имиграции и азил е дека ако Груевски се врати во Македонија ќе биде гонет од сегашната влада поради неговите политички убедувања. Канцеларијата наводно утврдила дека основани се стравувањата на Груевски дека неговиот живот е во опасност, а дека македонската влада нема да му ја гарантира безбедноста во земјата.
Весникот „Маѓар Мидок“, кој важи за провладино гласило во Унгарија, изнесувајќи детали од апликацијата за барање азил на Груевски, тврди дека тој имал смртни закани.
„Според нашите информации, образложението на Груевски наведува дека по десет години власт, тој станал цел на многу осудени криминалци кои чекаат да биде убиен“, пишува весникот и додава:
„Владиниот одбор контактираше со Канцеларијата за имиграција и бегалци, но организацијата не можеше да ги потврди информациите, велејќи дека според важечките закони, може само да го информира засегнатото лице и Високиот комесар на ОН за бегалци“.
Медиумите во Унгарија очекуваат во секој момент унгарската Влада и официјално да го потврди позитивниот одговор на барањето на азил на Груевски кое беше донесено пред истекот на минималниот рок од 15 дена.