Шекеринска во Кабул ги посети мировниците одговорни за безбедноста на главната команда на „Одлучна поддршка“

Министерката Шекеринска ја продолжи својата посета на македонскиот контингент во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан со посета на македонските мировници кои се одговорни за безбедноста на главната команда на оваа мисија, сместена во Кабул.

-Вашите вештини, вашите способности и примерот кој досега го давале вашите колеги, а сега и вие, е причината зошто толку години македонскиот контингент во главната команда е задолжен со оваа тешка и одговорна задача –  безбедноста на командата, им порача министерката Шекеринска на македонските мировници распоредени во главната команда на „Одлучна поддршка“.

Шекеринска додаде дека Македонија и АРМ се гордеат со своите мировници, и дека на крајот на ротацијата ги очекува сите, здрави и живи, побогати за едно ново големо искуство, назад во Македонија. Таа рече дека земјата која ја напуштија пред неколку месеци се движи во вистинска насока, кон процесот на ратификација на протоколот за пристапување кон НАТО.

-Македонија ќе биде на масата на која НАТО ги носи одлуките, верувајте дека ваша е најголемата заслуга и ваш е најголемиот придонес, рече министерката.

Во командата на мисијата, Шекеринска имаше средби со командантот на „Одлучна поддршка“, американскиот генерал Остин Скот Милер и со највисокиот цивилен претставник на НАТО во Авганистан, Корнелиус Цимерман.

-Македонија е посветена на воспоставувањето на демократските вредности на глобално ниво и затоа ние ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на НАТО за подобар живот на граѓаните на Авганистан, рече министерката на средбата.

Таа додаде дека зголемувањето на македонскиот контингент во „Одлучна поддршка“ за 20 отсто годинава е доказ за владината определба за придонес во поддршката на мирот.

-НАТО-Алијансата  оддаде признание на оваа посветеност, како и на новите политики во Македонија и на Самитот во Брисел ја покани нашата држава да биде 30-та земја членка, рече Шекеринска.

Министерката и информираше за зголемувањето на буџетот во одбраната, и преземената обврска за негов континуиран раст до нивото од 2 отсто од бруто домашниот производ.

Генералот Милер се заблагодари за учеството на македонските војници во мисиите на НАТО во Авганистан и истакна дека мировниците на АРМ се храбри, одлучни и професионални војници кои стојат рамо до рамо со сите сојузници.

-АРМ покажа дека го има капацитетот да биде Армија на земја членка на НАТО, рече Милер.

 

Највисокиот цивилен претставник на НАТО, Цимерман рече дека придонесот на македонските мировници во Авганистан е високо ценет и изрази надеж дека Македонија ќе и се приклучи на Алијансата како нејзина 30 земја-членка.

Министерката Шекеринска, заменикот началник на ГШ Нуредин и пратениците-Фросина Ременски, Трајчо Димков и Реџаил Исмаили, доцна попладнево уште еднаш ќе се видат со македонските мировници во Кабул на неформална средба.

Ова е прва посета на министер за одбрана на мировниците од АРМ од 2013 година.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави