Барањето за екстрадиција испратено, Груевски доби азил
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски доби политички азил од Унгарија, за што вчера попладнето информираше во статус на својот фејсбук профил. Во истовреме, властите во земјава испратија барање за екстрадиција, со надеж дека Унгарија ќе го испорача Груевски во Македонија.
Во статусот по добивањето на азилот Груевски, меѓудругото, вели дека го побарал заради политички прогон од новата влада предводен од партијата СДСМ, која како што потенцира, сакала да му ја одземе слободата користејки недемократски чекори и методи и злоупотребувајки го обвинителскиот и судскиот систем во Македонија и оти за тоа дал докази.
Тој посочува дека во прилог на барањето азил навел и дека имал закани по неговиот живот и оти постоела можност за негова ликвидација во македонските затвори.
По објавувањето дека Груевски добил азил од Унгарија, се огласи и македонската Влада. Оттаму очекуваат дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и ќе овозможат враќање на Никола Груевски во Македонија со цел да си ја отслужи казната затвор и да одговара за останатите дела за коишто е обвинет. Од Владата посочуваат дека Груевски е осуден во јавен и транспарентен процес и негираат дека тој во ниту една ситуација нема пријавено закани по неговиот живот.
– Никола Груевски е осуден со правосилна пресуда во јавен и транспарентен процес, а истовремено против него се водат уште неколку судски постапки, истраги и уште една предистражна постапка. Осудениот Никола Груевски беше под полициска заштита согласно со правата кои му следуваа како поранешен премиер и тој во ниту една ситуација нема пријавено закани по неговиот живот, истакнуваат од Владата.
Против Никола Груевски, потенцираат, никогаш не бил воден никаков политички прогон и не се евидентирани никакви закани по неговиот живот, ниту пак која било владина институција вршела закани по неговиот живот и констатираат дека единствена цел на Груевски е избегнување на правдата.
Министерството за правда вчера попладнето соопшти дека го испратило барањето за екстрадиција на поранешниот македонски премиер Никола Груевски до Министерството за правда на Унгарија.
– Барањето за екстридиција се однесува за извршување правосилна пресуда изречена во траење од две години и за водење на четири кривични постапки кои се пред домашните судови, а укажуваме дека за него се водат и четири истраги како и една предистражна постапка за коишто надлежните органи можат да започнат и судски постапки во зависност од истрагата, се вели во сопштението.
Министерката за правда Рената Дескоска претходно изјави дека покрај документација за предметот „Тенк” во кој Груевски е осуден на двегодишна затворска казна, на унгарските власти со барањето за екстрадиција ќе им бидат доставени документи и за сите обвиненија и истражни постапки што се водат против него.
Таа смета дека има правен основ за екстрадиција на Груевски и очекува тој да биде екстрадиран.