Еколошкото движење од Тетово, „Еко Герила“ објавата дека Владата ќе одoбри 1,5 милиони евра за инсталирање филтри на комбинатот „Југохром“, ја смета како следна манипулација со јавноста.
„Нашите сериозни сомневања се долажат на фактот дека инсталацијата на системот за филтрирање порано чинеше 12 милиони евра и беа потребни се најмалку 2 години за нивна инсталација. ‘Југохром’ е затворен и нетранспарентен за медиумите да покаже што е направено досега. Не е јасно како цената на филтерите се намали од 12 милиони евра на 1,5 -2 милиони евра и поставување на истите ќе се изврши во рок од 4-5 месеци за производство со капацитет од 55 проценти“, велат од движењето преку соопштение.
Тие бараат целиот процес во фази да биде надгледуван од независни експерти.
„Ние не им веруваме на ветувањата на ‘Југохром’ и на Владата, бидејќи со години нè манипулираа. Ние само бараме почитување на Уставот и законските акти. Како што е познато, во Македонија институциите често се ставаат на законот. Владата не треба да биде вознемирена од надзорот на независните експерти доколку системот за филтрирање, за кој тие тврдат дека ќе го инсталираа, ќе ги задоволи бараните стандарди“, се наведува во соопштението на „Еко Герила“.
Вчера, со одлука на владина седница одобрен е кредит во износ од 92.242.500 денари за набавка на филтри во „Југохром“. Како што соопшти владината прес-служба, Владата ја задолжила Македонската банка за поддршка на развојот да склучи договор за кредит со „Југохром“ од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд. Од Владата велат дека целта е да се изгради филтерска постројка за заштита од загадување, со што ќе се овозможи фабриката да продолжи да работи и да се ангажираат вработените.