„Во текот на декември, на плоштадот „Македонија“ за првпат ќе осамне новогодишна населба, нешто што во Скопје досега го немало. Нашиот план е населбата со име Винтерленд (Зимска земја) за граѓаните да се отвори на 7 декември. Во неа ќе има куќички украсени во новогодишен амбиент и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. Ќе има и топ за создавање вештачки снег, со што ќе се дополни зимската слика. Во селото ќе има и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер. На средината ќе се постави голема новогодишна елка, а просторот околу елката ќе биде организиран како дел за храна и пијалаци, каде што граѓаните ќе може да седнат и да уживаат во понудата на околните куќички“, изјави Шилегов.
Градоначалникот меѓудругото на денешната прес-конференција најави и дека китењето на градските улици и булевари ќе почне наредната недела.
„Очекувам во Скопје да се создаде вистинска предновогодишна атмосфера. Конечно е време на скопјани да им понудиме европска новогодишна прослава, нешто што досега во градот не се случувало“, додаде Шилегов.