Во просек околу 40 жени секоја година умираат од рак на грлото на матката. Жените треба да прават превентивни прегледи и секоја втора година да бидат опфатени со скринингот за превенција и рано откривање на ракот на грлото на матката и да направат ПАП тест со цел да се откријат клеточните абнормалности и ако има развиен рак тоа да биде во рана фаза. Во Македонија се уште мал број жени се вклучуваат во организираниот скрининг. Осум случаи на рак на грлото на матката се откриени од јануари до септември преку организираниот скрининг со ПАП тест.
Ова денеска на прес-конференција го истакнаа проф.д-р Елена Ќосевска и м-р д-р Силвана Ончева од Институтот за јавно здравје на Република Македонија на презентацијата на резултатите од скринингот за превенција и рано откривање на ракот на грлото на матката.
Ќосевска рече дека најчести новооткриени случаи се оние со рак на дојки, по што следат случаите со рак на матката, дебелото црево, белите дробови и желудникот.
-Изминатата година 30 лица починале од рак на грлото на матката, што е најнизок број споредено со последните десет години. Жените и посебно оние од ранливите групи треба да прават редовни контроли кај гинеколог за кои дел од ПАП тестирањата се бесплатни според превентивната програма за одредени возрасни група. Оваа година тоа се жени на возраст од 24 до 25 години, додека за догодина ќе бидат жени на возраст од 36 до 60 години, како и оние кои изминатата година не направиле такво тестирање, додаде Ќосевска.
Ончева рече дека ракот на грлото на матката се појавува кај помладата возрасна група.
-Од вкупниот број регистрирани смртни случаи од рак на грлото на матката кој изнесува 30, има случај на млада жена која починала на возраст од 25 до 27 години. Во првите девет месеци од годинава биле направени 31.630 ПАП тестови. Оваа година кај возрасната група од 24 до 35 години откриени е рак на грлото на матката кај пет жени во рамки на организираниот скрининг и тоа во Битола, Кочани, Скопје и Струмица, додека кај возрасната група од 36 до 60 години откриени се три случаи на инвазивен плочест карцином во Куманово, Охрид и Ресен, потенцира Ончева.
ХПВ вирусот, кој е најчеста можна причина за појава на рак на грлото на матката кај возрасната група од 24 до 35 години, посочи таа, учествува со 41,6 проценти од вкупните клеточни абнормалности, што е многу висок процент, додека кај возрасната група од 36 до 60 години со околу 30 проценти.
-Најчесто застапен е ЦИН 1 со 32,4 проценти од вкупниот број клеточни абнормалности вклучувајќи ги и малигните неоплазми. Има висок процент на откриени клеточни абномалности. Кај возрасната група од 36 до 60 години речиси 14 проценти од испитаните жени имале некаков вид клеточни абнормалности, додека кај возрасната група од 24 до 35 години 8,7 проценти имале некаков вид клеточни абнормалности, додаде Ончева.