По неколку недели кои ги одбележаа добрите односи меѓу Унгарија и Хрватска, пред неколку дена дојде до повторно заладување на односите меѓу двете држави, пишува унгарскиот портал Индекс.ху, пренесува хрватскиот портал Индекс.хр.
Унгарскиот портал пишува дека Орбан е исклучително лут на Хрватска поради обновување на црвената потерница по Золт Хернади, кој е обвинет во случајот „Ина-МОЛ“. Унгарскиот премиер смета дека Хрватска со овој потег ја изневерила Унгарија.
Порталот пишува дека односите меѓу двете држави веќе подолго време се заладени поради случајот „Ина-МОЛ“ и барањето за екстрадиција на Хернади. Толкму поради тоа, лани Унгарија го блокира влезот на Хрватска во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Но потоа дојде до пресврт. На гласањето во Европскиот парламент за почнување постапка за одземање на правото на глас на Унгарија по членот 7 од Европскиот договор 448 пратеници гласаа против Орбан, односно за одземање на правото на глас, а 197 беа против. Меѓу оние кои беа против одземање на правото на глас беа и тројца европратеници од Хрватска.
Оттогаш до денес односите меѓу двете земји се сменија и Владата во Будимпешта ја укина блокадата за пристапот на Хрватска во ОЕЦД. Унгарскиот портал пишува дека Орбан тогаш очекувал Хрватска во знак на благодарност да ја повлече потерницата за Хернади, што не се случи.
„Хрватска го крена овој проблем на политичко ниво“, рекол Орбан. Унгарскиот портал пишува дека тој се заканил со уште посилна реакција кон Хрватска.
Золт Хернади е поранешен директор на унгарската компанија МОЛ. Тој заедно со поранешниот хрватски премиер Иво Санадер е обвинет во случајот „Ина-МОЛ“. Станува збор за случај во кој Санадер е осуден на 10 години затвор за примање мито од Хернади. Врховниот суд му ја намали казната на осум и пол години, но Уставниот суд ја укина пресудата. Освен за примање мито од Хернади, на Санадер во првостепената постапка му се судеше и за земање провизија од австриската Хипо банка, но постапките во меѓувреме беа одвоени.
Хрватска за Хернади распиша европска потерница. Унгарија одбива да го спроведе налогот за негово апсење и покрај тоа што Европскиот суд во Стразбур објави дека Унгарија не смее да го игнорира само врз основа на одлуката на унгарското јавно обвинителство за запирање на истрагата за овој случај во рамките на која Хернади бил испрашан како сведок.