Македонија не се откажува од екстрадиција на Груевски, бара поништување на азилот
Македонија ќе бара од Унгарија да се повлече одлуката за азил на Никола Груевски и не се откажува од барањето за екстрадиција, рече вчера министерката за правда Рената Дескоска. Нејзиниот унгарски колега Ласло Трочани, пак, изјави дека унгарската Влада ја исклучува можноста за екстрадиција, додека владиниот портпарол Миле Бошњаковски истакна дека Груевски ќе се врати во Република Македонија и тука ќе ја отслужи казната. Како целосно лажни ги оцени наводите во барањето азил и изрази очекување дека унгарските власти ќе ја отповикаат одлуката за азил и дека Груевски ќе биде екстрадиран.
– Владата размислува и ќе донесе одлука да испрати барање за повлекување на одлуката за азил на Никола Груевски, од причини што доколку одлуката е заснована врз определени факти кои не се такви какви што се, државата има право да ја отповика или да ја поништи одлуката, рече вчера Дескоска.
Истакна дека унгарските закони се доста рестриктивни и дури даваат и можности за отповикување на дадена одлука за азил, така што Владата размислува и ќе донесе одлука да испрати барање за повлекување на одлуката за азил.
– Исто така, гледајќи го унгарскиот закон, оние кои добиваат азил, доколку во исто време не добијат државјанство, или трајно жителство, нивната одлука за азил се преиспитува, по службена должност на секои три години. Значи, доколку Груевски не добие државјанство, тогаш неговата одлука дури и во овој случај не биде преиспитана по барање на Владата, би требало според унгарските закони да биде преиспитувана на секои три години, појасни Дескоска.
Посочи дека кога ќе се поднесе барање за азил и кога државата ќе поднесе барање за екстрадиција, тие два процеси, ако одат паралелно, екстрадицијата чека додека не се даде одлуката за азил или ако не, воопшто не носат одлука никаква и не ја почнуваат постапката за екстрадиција, додека не се даде одлука во постапката за азил.
Додаде дека досега со Унгарија немале проблем околу екстрадицијата во ниту еден случај и оти Унгарија никогаш не покренала никакво прашање ниту за состојбите во затворите ниту за сомневања во делувања во судството за да одбие екстрадиција. – Ова не е прва екстрадиција што ја бараме, но се надевам нема да отскокне да биде прва што ќе биде одбиена, потенцира Дескоска.
Во делот што се однесува до помилувањата како основ за одбивање на екстрадиција, Дескоска рече дека постојат аргументи што ќе бидат дадени во тоа барање за поништување на азилот, затоа што тоа е одлука која треба да ја донесат унгарските власти. – Нашето искуство од она што е практично право зборува дека нема основ за одбивање на екстрадицијата, нагласи министерката за правда.
Во меѓувреме, унгарскиот министер за правда Ласло Трочани рече дека унгарската Влада ја исклучува можноста за екстрадиција на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Македонија. – Груевски откако доби азил во Унгарија не може да биде испорачан во земја во која e цел на прогон, кажа Трочани.
Од Министерството за правда за МИА вчера изјавија дека на секои три години повторно се разгледува статусот на секој кој добил азил во Унгарија (супсидијарна заштита), што е предвидено според постапките за азил на Унгарската канцеларија за имиграција.
Барањето за азил, како што појаснуваат оттаму, мора да биде разгледано пред барањето за екстрадиција, затоа што не може еден административен орган за лицето да одлучи да не се враќа во одредена земја, друг административен орган да наложи враќање во таа земја. Затоа, постапката за азил претходи на постапката за екстрадиција.
Од овие причини, Република Македонија, како демократска земја ја разбира ваквата постапка. Се надеваме дека унгарските власти кога ќе го разгледаат барањето за екстрадиција и сите гаранции кои ги достави Министерството за правда и ќе увидат дека наводите во барањето за азил се лажни и дека ќе ја отповикаат одлуката што е предвидено како можност во унгарскиот закон, велат од МП.
Во барањето за екстрадиција се наведени сите постапки за кои во моментот на неговото изготвување имавме сознанија дека се водат пред правосудните органи во Република Македонија. Станува збор за вкупно десет постапки од кои едната е правосилна завршена, сите други се во тек.
Тоа е направено со цел, во случај да дојде до екстрадиција на Груевски, да се избегне начелото на специјалност (да не може да биде гонет за ништо сторено пред дозволената екстрадиција).
Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски вчера на прес-конференција рече дека Груевски ќе се врати во Република Македонија и тука ќе ја отслужи казната. – Наводите во барањето за азил се целосно лажни и очекуваме дека унгарските власти ќе ја отповикаат одлуката за азил и дека Груевски ќе биде екстрадиран, рече тој.
Посочи дека постапката за екстрадиција е почната, документацијата е пратена во Владата на Унгарија и дека таа е одделна од постапката за азил, односно двете постапки воопшто не се во корелација.
На прашањето каде се пропустите и кој е одговорен за бегството на Груевски од кое поминаа десет дена, а нема информации, владиниот портпарол одговори дека се водат две постапки во МВР и кога сите информации ќе бидат утврдени, детални и темелни, ќе бидат презентирани во јавност.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров рече дека е иронија е и парадокс земја членка на ЕУ да му даде заштита на осуденик.
– Македонија во решавањето на случајот со унгарските власти ќе инсистира на почитување на владеење на правото и ќе ги земе предвид сите национални интереси вклучувајќи и интересот за добри односи со Унгарија, рече вчера Димитров.
Европската комисија вчера соопшти дека унгарските власти за сега не потврдиле дека одобриле азил за поранешниот премиер Никола Груевски.
Унгарската служба за имиграција и бегалци во вторникот му одобри политички азил на Груевски, по кого Македонија распиша меѓународна потерница заради издржување на двегодишната затворска казна. Македонското Министерство за правда истиот ден до унгарските власти го достави и барањето за екстрадиција на Никола Груевски од Унгарија.
Против Груевски се водат четири кривични постапки пред судовите, а за него се водат и четири истраги и една предистражна постапка за кои можат да се покренат обвиненија во зависност од истрагата.