Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан изјави дека потегот на Косово на 100 отсто да ја подигне таксата на робата од Србија и Босна и Херцеговина, мора веднаш да биде повлечен.
Хан на неговиот профил на „Твитер“ напиша дека ваквиот потег нанесува штета на потрошувачите и на самиот бизнис, како и дека Косово има посебна одговорност бидејќи во моментов претседава со „ЦЕФТА“.
„Наскоро Приштина ќе присуствува на неделата на „ЦЕФТА“ и очекувам ова прашање дотогаш да биде решено“, наведе Хан.
Тој ја поздрави изјавата на високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини која вчера побара повлекување на одлуката и укажа дека тоа претставува јасно кршење на договорот на „ЦЕФТА“ и Договорот за стабилизација и асоцијација.