Има подобрување во реализацијата на капиталните инвестиции, ги следиме приходната и расходната страна на Буџетот и кога ќе утврдиме дека е потребно да се прават корекции тоа ќе го соопштиме, рече министерот за финансии Драган Тевдовски, во одговор на новинарско прашање за реализацијата на капиталните инвестиции и евентуален ребаланс на буџетот по неодамнешната изјава на Зоран Заев.
Според Тевдовски, секогаш се анализира дали има потреба од корекции, а одлуката кога би се случило тоа ќе се донесе заеднички.
– Моментно приходната страна на буџетот е одлична, секогаш сме на иста линија со премиерот, меѓусебно како институција имаме должност и постојано го информираме, а на крај заедно ќе донесеме одлука кога да биде и кога ќе имаме таква одлука ќе ја соопштиме, изјави Тевдовски.
Тој наведе дека капиталните инвестиции што се во рамки на Министерството за финансии како што е проектот за подобрување на општинските услуги реализацијата е одлична и ако се споредува со сите буџетски корисници е во најдобрите. Потенцираше дека ЈП за државни патишта коешто е надвор од централниот буџет од 2013 година, годинава реализира за 300 проценти повеќе капитални инвестиции споредено со минатата година.
-Тоа значи дека апсолутно постои подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции. Како финансии бараме до сите министерства да посветат поголемо внимание и сметаме дека ќе има резултати. Позитивни се сите перформанси на макроекономските индикатори што го прават БДП. Во првиот квартал имаме раст од 8,8 проценти кај индустриското производство, извозот е многу силен со 16,5 проценти, кредитирањето на корпоративниот сектор забрзува и е подобро од претходните пет години. Сето ова укажува дека можеме да очекуваме дополнителни подобрувања на економскиот раст, рече Тевдовски.
Според него, повратот на ДДВ за граѓаните навреме ќе почне да се реализира и оти Министерството за финансии и Управата за јавни приходи го подготвуваат системот за навремен старт.
Во коментар на трошењата на парите од еврообврзницата ресорниот министер посочи дека како институција се придржуваат на лимитите утврдени при гласањето за задолжувањето во Собранието.
– Буџетскиот дефицит кој е проектиран на 2,5 проценти го реализираме со домашно задолжување и предвидениот дел од странско задолжување. Практично реализираме според тоа што ни е дадено како право од страна на Собранието. Во наредните години имаме сериозни долгови за враќање што се останати од претходната власт, како на пример во јануари 2020 година кредит од 155 милиони евра, потоа ни достасува евробврзницата, во 2021 година имаме и нова еврообврзница, рече Тевдовски.
Според него, се води сметка за успешно менаџирање со јавниот долг, а најголем показател за тоа е случувањето со каматните стапки на еврообврзниците преку кои големите странски финансиски инвеститори земјата ја оценуваат многу подобро во споредба со претходно.
– Тоа беше евидентно според цената што ја плативме за еврообврзницата со каматна стапка од 2,75 проценти многу пониска од претходните еврообврзници кај кои беше меѓу 4 и 10 процентии. Тоа се гледа и кај домашните инвеститори со тоа што се намалени каматните стапки на домашните хартии од вредност што ги издава Министерството за финансии. Ако во 2017 година дванаесетмесечниот државен запис имаше каматна стапка од 2,1 процент моментно е 0,8 проценти. На крајот, тоа е пониска цена што ја плаќаат нашите граѓани, а ние ќе продолжиме со оваа политика, посочи Тевдовски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за новата платформа за проверка на статусот на предметите за приватизација на градежно земјиште.