Апликација што се грижи за вас доколку претерате со користењето на мобилниот телефон
Со цел на корисниците да им обезбеди увид во времето поминато на мобилниот телефон, „Гугл“ ја лансира апликацијата Digital Wellbeing, која по потреба може да го оневозможи лансирањето одредени апликации.
Мобилните телефони денес станаа моќни речиси колку и компјутерите, така што постојано се покрај нас и сè повеќе ги користиме, понекогаш и повеќе отколку што е потребно. Ваквото интензивно користење може да предизвика и проблеми со видот.
Бидејќи времето поминато со мобилниот телефон бргу поминува без да го забележиме тоа, „Гугл“ создаде посебна апликација која им овозможува на корисниците да ги следат часовите што ги трошат за користење на паметните телефони.
Апликацијата Digital Wellbeing може да се симне преку Google Play Store, но само за оние корисници што ги имаат најновите модели на пиксел-телефони или било кој друг уред од Android One програмата со оперативен систем Android Pie.
Digital Wellbeing покрај времето минато на мобилниот телефон, исто така детаљно покажува и други податоци како, на пример, колку време екранот е вклучен, колку известувања сте добиле и колку пати сте го отклучиле вашиот мобилен телефон.
Исто така, во детали, дури и во минути, може да прегледате колку време поминувте на „Нетфликс“, „Јутјуб“, „Фејсбук“ и други апликации.