Власта не очекува притворите да го загрозат мнозинството за уставни измени
Апелацискиот суд Скопје денеска ќе одлучува за притворите на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, а во текот на неделава и за екс директорот на УБК Сашо Мијалков. Власта се надева дека притворите за овие лица нема да влијаат на двотретинското мнозинство за уставните измени.
Премиерот Зоран Заев вчера рече дека се надева оти поддршката од осумте пратеници за измени на Уставот ќе продолжи и покрај притворањето на Јанакиески, Божиновски и Мијалков, бидејќи во јавноста се појавија одредени дилеми дали нивното притворање може да го доведе во прашање процесот на помирување, со оглед на тоа дека пратеници од независната група најавија дека има можност да не го дадат својот глас за промена на Уставот.
-Јас на овој процес во Парламентот гледам како на политички дијалог и на начин како преку инклузивни процеси да можеме да го зголемиме мнозинството. Жалам што пратениците истакнуваат дека тоа влијае. Јас се надевам дека ќе останат на своите поранешни ставови, рече Заев во Струмица.
Според него, завршувањето на јавната дебата по втората пленарна седница планирана за 1 декември и соопштувањето на амандманите, во кои, како што вели ќе бидат потврдени ставот и предлозите на опозицијата, ќе значи потврдување на двотретинското мнозинство, па дури и негово зголемување.
Додаде дека тоа е само негова надеж, а испрати порака дека правото и правната држава, владеењето на правото се императив во Република Македонија и дека не треба да има никакво мешање во правосудството.
Пленарната седница почнува на 1 декември, а по неа треба да почне и јавната дебата по предложените уставни измени. Заев смета дека во овој процес ќе се дознае колку опстојува двотретинското мнозинство, дали се намалува или се зголемува.
Во меѓувреме во текот на оваа недела во Парламентот треба да се одржи и првата средба на членовите на Координативното тело за помирување со кое претседава претседателот на Собранието Талат Џафери, а потпретседатели се пратеничките Фросина Ременски и Емилија Александрова. Формирањето на ова тело беше на барање на осумте пратеници кои дадоа поддршка за уставните измени.
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да учествува во работата на координативното тело за помирување, но, оттаму потенцираат, доколку тоа понуди решение за неслективна правда ќе го поддржат.
– Доколку се донесат неселективни одлуки и неселективна правда за сите учесници што можст да бидат опфатени согласно закон ќе дадеме поддршка, рече Мицевски. Појасни дека поддршката ќе зависи од тоа што ќе биде понудено и кога ќе биде понудено, дали пред или по завршувањето на постапката за уставните амандмани, рече минатата недела координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски