Спасовски: Градењето заемна доверба и механизми ќе придонесе за зголемена ефикасност во полициските редови

Mакедонското министерство за внатрешни работи вложува значителни ресурси во Одделот за внатрешна контрола, криминалистисчки истраги и професионални стандарди како организациона единици во рамките на полицијата надлежна за борба против корупцијата во сопствените редови, порача министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на регионалниот министерски Форум во рамки на Мрежата за подобрување на регионалната соработка на Единиците за внатрешна безбедност (НЕРЦИСУ) што денеска и во наредните два дена се одржува во Софија, Република Бугарија, а во организација на бугарското министерство за внатрешни работи.
.
“Заедничките проблеми со кои се соочуваат безбедносните служби од регионот како што се мигрантите, тероризмот, шверцот со оружје, артефакти, наркотици и слично наметнуваат потреба од заедничко дејствување, особено ако се има предвид дека овие недозволени активности во еден сегмент, за жал, се поддржани и од вработени во безбедносните служби“, потенцираше Спасовски, притоа нотирајќи дека градењето заемна доверба и механизми за регионална соработка помеѓу безбедносните служби од регионот ќе придонесе за зголемена ефикасност во спречувањето, откривањето и истражувањето на коруптивното однесување во полициските редови.

Спасовски рече дека македонското МВР ја поддржува секоја иницијатива која ќе придонесе кон зајакнување на соработката на службите за внатрешна контрола од регионот од државите вклучени во мрежата НЕРЦИСУ, дотолку повеќе што интегрираниот пристап во работата, размената на информации како и зајакнувањето на формите на оперативна соработка ќе резултираат со успешни операции на заедничките тимови.

“Формирањето на мрежата на НЕРЦИСУ е прв и важен чекор во оваа насока, кој во изминатите две години од формирањето се покажа како успешен процес за градење на меѓусебната комуникација помеѓу службите за внатрешна контрола од регионот“,додаде министерот Спасовски.

Утре, на маргините од регионалниот министерски форум е предвидена и билатерална средба на министерот Спасовски со неговиот бугарски колега Младен Маринов.

Треба да знаете
Последни објави