Во патната и железничката инфраструктура се планира над 300 милиони евра за следната година
Со новиот закон за градење кој е во нацрт верзија конечно да се третира енергетската ефикасност, да се предвидат проекти за линиската инфраструктура и да се зголемат условите за добивање лиценци на правните лица, бара Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија кое денеска на седница во присуство на ресорниот министер Горан Сугарески расправаше за новата регулатива и состојбите во областа.
Претседателот на Здружението Андреја Серафимовски порача дека со измени на регулативата, соработка со надлежните институции и обединување на градежната фела, ќе може да се реализираат најавените капиталните инвестиции, како и да се подобрат состојбите во градежништвото, кое, потенцираше, годинава ја завршува во најтешка атмосфера во последните 15 години.
– Моментно е најважно изменување и дополнување на законите за градење и за урбанистичко и просторно планирање. Најавените инвестици од страна на Владата, со кои се предвидуваат 6 милијарди денари, за наредната година се оптимистички. Цениме дека ова е вистински момент кога комората и целата фела треба да се приклучи за помош на Министерството и да се добие голема основа за тоа што ќе се случува. Видовме во изминатиот период на кои проблеми наиде оперативата и градежниците и сметаме дека сето тоа беше врз основа на одлуките што беа носени во минатото на база на слаба законска регулатива и слаба поддршка… Сега е вистински момент кога Министерството треба да ја обедини целата фела со цел најавените инвестиции да почнат да се реализираат без проблеми и да се одвиваат како во сите нормални држави, а не како што имавме искуство во претходните проекти, изјави Серафимовски.
Нацрт законот за градење, појасни тој, во поголем дел има нова концепција, а во помал дел е промена на стариот закон.
Сугарески им соопштил на градежниците дека и покрај наследените проблеми кои во најголем дел се решени очекуваат сериозно интензивирање на капиталните проекти во патнатата и железничката инфраструктура во која во наредната година се планира вложување од над 300 милиони евра.
– Зборувавме и за тоа дека брзо ќе се отвори автопатот Миладиновци – Штип, сериозно интензивирање на активнотите на проектите на автопатот Кичево-Охрид, завршување на проектната документација на автопатот Скопје-Блаце, дополнително сериозно интензивирање на експресните патишта, бројните реконструкции на патиштата. Исто така во железничката инфраструктура интензивирање на првата делница од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, тендер за втората од Бељаковце до Крива Паланка, како и обезбедување финансии за третата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Завршена е и проектната документација за пругата Кичево-Лин, изјави Сугарески, изразувајќи подготвеност за соработка со цел реализација на проектите.
Се подготвува и ново законско решение за урбанистичко и просторно планирање за кое во голема мерка се прифатени сугестиите од комората и во најскоро време ќе влезе во владина и собраниска процедура. Со него, според Сугарески, се прави сериозна реформа во таа област со олеснување на процедури и постапки согласно ветувањата во владината програма.