Нацрт-законите со кои се отвора патот за трансформација на Косовските безбедносни сили (ФСК) во војска на Косово, би требало идниот месец да се најдат пред косовските пратеници на второ читање, јави дописникот на МИА од Приштина.
Трите нацрт-закони кои ги предложи Владата на Рамуш Харадинај – за Министерството за одбрана на Косово, за ФСК и за службувањето во ФСК – денеска добија зелено светло од собраниската Комисија за внатрешни работи, безбедност и надзор врз ФСК.
Претседателот на Комисијата, Хаџи Шаља за Радио Слободна Европа изјави дека се очекува целата собраниска процедура околу усвојувањето на законите да заврши во текот на декември оваа година, со што ќе се забрза процесот на стекнување на Косово со сопствена војска.
– Денеска ги испраќаме во постојаните комисии, тие ќе ја завршат својата работа и повторно се враќаат во матичната комисија, од каде што ќе ги процесуираме во Собранието и верувам дека во месец декември ќе се најдат на пленарна седница за второ читање, изјави Шаља.
Пртетходно, минатиот месец, овие нацрт-закони беа усвоени во прво читање со гласовите на пратениците на сите пратенички групи во косовското Собрание, освен на оние на Српската листа, кои ја бојкотира седницата.
Оваа партија на косовските Срби, како и официјален Белград, категорично се спротивставуваат на формирањето војска на Косово, нагласувајќи дека, со резолуцијата 1244 на Обединетите нации, единствена вооружена формација во Косово е КФОР.