Новите еколошки автобуси за потребите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје” ќе се набават со 12 милиони евра од кои 10 милиони евра ќе бидат заем од Европската банка за обнова и развој, а останатите од буџетот на јавното претпријатие.
– За средствата во износ од 10.000.000 евра заемопримач ќе биде ЈСП Скопје, а Република Македонија ќе издаде државна гаранција, информираат од Владата по денешната седница на која е усвоен Предлог-Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на набавката на нови автобуси за Град Скопје (ЈСП).
Од Владата соопштуваат дека ќе се набават нископодни автобуси кои работат на компримиран природен гас, со голема економска исплатливост и еколошка предност во учеството на намалувањето на аерозагадувањето.
– Оваа одлука, Владата ја донесе тргнувајќи од состојбата со возниот парк на ЈСП Скопје како исклучително скап за одржување и кој е еден од факторите за загадување на животната средина, односно на воздухот во градот, се наведува во соопштението од владината седница.