Во четврток протест на тетовските средношколци
На ден 29.11.2018 во четврток тетовските средношколци ќе го искористат своето право на протест гарантирано со Уставот на Република Македонија поради кршење и потполно игнорирање на членот 43 од страна на надлежните, член во кој на граѓанинот му се доделува правото на ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА.
Општина Тетово со неколку десетици илјади жители веќе повеќе години се наоѓа прва на ранг листите кога е во прашање индексот на загадување, рамо до рамо со градови кои имаат по неколку милиони жители, а уште потрагичен е и фактот потврден со научната студија изработена од докторите од Републичкиот центар за јавно здравје и Медицинскиот факултет во која се констатира дека дури 38% од смртните случаеви во Тетово се резултат на аерозагадувањето.
Енормното аерозагадување остава непоправлива штета врз здравјето на граѓаните, а во посебен ризик спаѓаат лицата со здраствени проблеми, постарите граѓани, бремените жени како и тинејџерите и адолесцентите чии што витални органи сеуште се развиваат.
Поради тоа, испраќаме ултиматум до надлежните, во случај во рок од 7 дена од почетокот на протестот да не бидат имплементирани конкретни краткотрајни мерки кои значително ќе го ублажат аерозагадувањето, како и долготрајни мерки кои ќе го превентираат истото во иднина ќе следи БОЈКОТИРАЊЕ НА НАСТАВАТА.
Пишува во дописот кој пристигна до нашата редакција од страна на средношколците од Тетово.