Договорот од Преспа ги мобилизираше и грчките ученици кои тврдат дека „демократијата ја продаде Македонија” и организираат протести во Солун. Нивните врсници од Атина со контра протест, повикуваат на антинационалистички и антифашистички собир.
Веројатно една од подобрите пораки во пресрет на протестите, доаѓа од грчкиот карикатурист Џон Антоно (John Antóno). Преку карикатура на која се тројца ученици со блузи со знамињата на Македонија, Грција и Албанија, кои заедно здружено, на три јазика, му порачуваат „Фашистите надвор од училиштата” на фашистот кој носи знаме на кое пишува „Hate”, јави дописничката на МИА од Атина.
Ученици, главно од Северна Грција, против Договорот од Преспа повикуваат на опсади на училишта и протест во Солун, ученици, главно од Атина, повикуваат на антифашистички и антинационалистички протест во Атина – двете лица на истата монета, со главни протагонисти- учениците од грчките средни училишта.
Договорот од Преспа создаде две струи меѓу учениците во Грција – националистичка и антинационалистичка.
И едните и другите денес ќе одржат одвоени протести во различни градови. Во 11 часот по локално време во Солун, час подоцна во Атина. Судејќи според повиците и прогласите, веројатно оние вторите се побројни.
Во пресрет на денешните протести, МИА анализира, кога и како почнаа опсадите против Договорот од Преспа, кои ја поддржуват едната, а кои другата група ученици, како се организираат, кој ги поддржува, како реагираат медиумите и политичките партии.
Во изминатите неколку денови во Грција се забележува голема раздвиженост меѓу учениците, а дискусијата во јавноста за Договорот од Преспа се чини дека сега се префрли во училиштата.
Сѐ започна пред 10ина дена, кога групи ученици во неколку средни училишта во Северна Грција почнаа со опсади, закачија паноа со пораката „Македонија, грчка почва” и извикуваа слогани дека Македонија е грчка. За локалните медиуми тврдеа дека главната причина бил случајот во училиште во кое на ученичката парада по повод грчкиот национален празник 28 октомври, група ученици самоиницијативно ја пееле грчката песна „Прочуена Македонија” и биле казнети.
-Никогаш нема да го земеш името, Скопјане, Скопјане, извикуваа ученици од средно училиште во Сер, мината седмица на организираниот собир во дворот на училиштето.
Опсадите брзо се проширија и во други училишта, во северниот дел на Грција, но без голема масовност. Неофицијално, само во 10 од 40 средни училишта во општина Пиерија (околината на Катерини), имаше опсади. Паралелно беа одржани и протести во Лерин, во Сер, Птолемаида, Лариса, Катерини, Кукуш.
Главните коментари во Грција, тогаш беа дека станува збор за изолирани случаи, за мал број ученици поттикнати од лица блиски до радикалните десничари или до Златна зора.
Протестите како главна тема го имаат Договорот од Преспа и „распродавањето на грчката Македонија”, но се извикуваат пароли и се шират паноа за Северен Епир (јужна Албанија), за убиството на грчкиот државјанин во Албанија, Константинос Кацифас.
Она што остава впечаток на едно од паноата закачено на оградата на училиште во една солунска населба, испишана е пораката „Демократијата ја продаде Македонија”.
Меѓу учениците од минатата седмица кружи порака со која тие се повикуваат да излезат на денешниот протест во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
-Вонредно! Во четврток на 29.11 повик за опсади во сите училишта во цела Грција на тема националните прашања: македонското, Кацифас и Северен Епир. Разговарајте со советот на ученици и со Здруженијата на родители и организирајте опсада. Не се плашете за кривични прашања. Нема простор за загриженост, пишува во непотпишаната порака, чиј автор иницијатор е непознат.
Пораката, веројатно била испратена преку смс пораки, но објавувана и на Insta story.
Според медиумите во Грција, станува збор за националистички и радикално десничарски движења и поединци кои ги организираат учениците. А не е исклучена веројатноста зад нив да стојат и членовите на Златна зора.
Силна поддршка и „промоција” на активностите, учениците добија од извесен „Комитет на македонската борба од Солун”, што преку Фејсбук повикува на масовност на денешниот протест.
Од јануари годинава кога почнаа да се организираат протести низ Грција за „одбрана на името Македонија”, се појавија голем број здруженија/ организации/ движења/ групи со исто или слично име: Комитет за Македонија, Комитет за македонска борба, па така останува енигма дали конкретниот комитет што ги поддржува учениците беше дел од организаторите на протестите на почетокот на годината или станува збор за новоформирана група.
До учениците кои на протестот во Солун ќе се „борат” против Договорот од Преспа, поддршка стигна и од една од организациите што стоеше зад јануарските и февруарските протести.
Одговор до учениците кои шират омраза кон соседните земји, со оглед на тоа дека дел од паролите и слоганите се и против Албанија, стигна од нивните врсници, од ученици од средни училишта кои размислуваат поинаку, ученици кои го креваат гласот против национализмот и фашизмот, јави дописничката на МИА од Атина.
И тие, организирани преку социјалните мрежи, со формирана група под името Иницијатива за координација на училишта и ученици од Атина, повикуваа на протест, во грчката престолнина, во исто време со оној во Солун.
-Различни радикално десничарски фашистички групи се обидуваат да поттикнат ученички националистички опсади во училиштата во земјата. Иницијатива за координација на училишта и ученици од Атина, ги повикува сите ученици да застанат напред и да не им дозволат на фашистите да најдат простор за изразување во нашите училишта. Координираме разновидни акции, закачуваме антифашистички паноа и одржуваме настани во нашите училишта за да не им подариме ниту еден ден за забава на убијците на Павлос Фисас и поддржувачите на омразата и расизмот, пишуваат од Иницијатива за координација на училишта и ученици од Атина, во повикот за денешниот протест, објавен на социјалните мрежи, а поддршка добија од група со истото име но формирана во Солун.
Иницијативата ја потпишаа над 50 средни училишта од Атина и Солун.
Но, на антифашистичкото и антинационалистичкото движење од ден на ден се приклучуваат сѐ повеќе средни училишта, не само од Атина, туку и од северниот дел на земјата, онаму од каде што започна сѐ.
-Со соседните народи сме заедно, наши непријатели се владата и национализмите, пишуваат од музичкото училиште од градот Превеза и велат дека нема да одговорат позитивно на повиците за опсади и протести за македонското прашање.
Ученици од едно средно училиште во Солун велат дека тие му вртат грб на национализмот и донеле одлука дека слоганот „Македонија е грчка”, „предизвикува омраза и непријателство меѓу соседните народи, иредентизам и расположение за војни”.
-На национализмот не одговараме со национализам, ништо не нѐ разделува од нашите соученици од Скопје, Бугарија или Албанија, пишуваат учениците од средно училиште во Лерин.
Пораката во сите антинационалистички прогласи е идентична, учениците бараат да се изолираат фашистите во нивните училишта.
Загриженост од професорите и родителите, осуда од грчките политички партии
Здруженијата на професори и вработени во средните училишта и здруженија на родители, како од Солун и Северна Грција, така и од Атина, преку соопштенија ја изразија нивната загриженост за мобилизацијата на учениците и организирањето националистички собири, јави дописничката на МИА од Атина.
Велат дека станува збор за опсади и повици за протести од мали и изолирани групи ученици.
Преку соопштенија или изјави, осуда за националистичките ставови на учениците стигнаа речиси од сите грчки политички партии. Тие говорат за раздор меѓу учениците и обид за ширење омраза.
Министерот за образование на Грција, Костас Гавроглу отворено говори за активности иницирани од Златна зора.
-Во изминатиот период, фашисти од Златна зора се обидуваат да го насочат нивниот националистички отров кон учениците и училиштата. Со пораки на мобилните телефони, со изјави на нивни членови и со нивни претставници пред училиштата, отворено ги повикуваат учениците на протести, користејќи ги како изговор националните прашања, а всушност сакаат да шират раздор во образовната заедница за да си ги препишат силите како нивни, вели Гавроглу и потсетува дека фашизмот е симбол на насилство и терор и ги повикува советите на ученици, професорите и здруженијата на родители да ги изолираат фашистичките ставови.
Со соопштение излезе и подмладокот на СИРИЗА, велат дека опсадите и протестите имаат јасен „радикално десничарски и фашистички карактер” и ги повикуваат учениците да им свртат грб на оние кои „сакаат да шират говор на омраза и лажна љубов кон татковината” и да учествуваат во антифашистичките протести.
Лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис, ги повика префектите, градоначалниците, локалните пратеници и сите оние кои имаат влијание да реагираат до родителите и професорите и од нив да побараат да им објаснат на учениците дека не треба да станат ничии војници, особено не на оние кои „мирисаат на мувла, во конкретниот случај- фашизмот”.
-„Грција разбуди се”, им велат да извикуваат како она „Германија разбуди се” на Хитлер. „Демократијата ја продаде Македонија”, пишуваат на паноата, реченица украдена од говорите на Златнозорците, вели Теодоракис.
Од Движењето за промена велат дека категорично не се согласуваат со протестите за македонското прашање, бидејќи сметаат дека националните прашања не треба да бидат предмет на конфронтација во училиштата и изразуваат поддршка за членовите на училишните заедници кои што се против фанатизмот и омразата.
Став против опсадите зазеде и атинскиот градоначалник, Јоргос Каминис кој рече дека „радикално десничарскиот говор на омраза нема никаква врска со патриотизмот и нема место во училиштата” и дека улениците не треба да „им ги отстапат училиштата на Златна зора”.
Златна зора горда на учениците
Грчката влада, професори, но и здруженија на учениците директно или индиректно ја посочуваат Златна зора како одговорна за опсадите и протестите во северниот дел на Грција.
Златна зора е и единствената грчка партија која јавно и отворено ги поддржува учениците кои се „борат” против Договорот од Преспа и тврдат дека „Македонија е грчка”.
На нивниот официјален сајт, речиси секојдневно ги следат протестите и опсадите на учениците, изразувајќи поддршка, јави дописничката на МИА од Атина.
Лидерот на неонацистичката Златна зора, Никос Михалољакос, преку изјава ги поздрави активностите на учениците и рече дека тие
-Денес училишта, утре универзитетите ќе бидат бастион на еден национален контра напад против оние кои ја мразат Грција и нејзината историја, рече Михалољакос.