Претседателот на ИАБ Македонија, Борис Ефтимовски, ги повика најголемите огласувачи во Македонија во своите буџети за реклама за наредната година да го зголемат делот предвиден за огласување преку домашните веб-портали.
„Очекуваме од домашните компании и медиски агенции во своите буџети за наредната 2019 година да издвојат поголем дел за дигиталните издавачи и македонски веб-портали, пропорционално на импактот што тие го имаат во секојневието на македонските граѓани,“ вели Ефтимовски
„Просто неверојатно звучи податокот дека третата најголема национална телевизија има поголеми приходи од водечките 30 македонски веб-портали заедно. Овој сооднос помеѓу огласувањето на двата водечки канала, телевизијата и интернетот, е неприфатлив и целосно не одговара на улогата што веб-порталите ја имаат во општеството во делот на информирање, едукација, забава и во севкупното поминато време на медиско консумирање“, додава во својата изјава претседателот на ИАБ Македонија.
Според него, огласувачите треба дополнително да го поддржат развојот на квалитетните веб-портали во Македонија и процесот на саморегулација, преку поголема застапеност на веб-медиумите што го прифаќаат етичкиот кодекс на ИАБ во своите медиски планови.