Проектили, за кои се верува дека биле истрелани од Израел, погодија иранско складиште за оружје во близина на сирискиот град Дамаск, соопшти денеска невладината организација, еден ден по контрадикторните информации во врска со сириското уривање на израелскиот авион.
Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR) рече дека складиштето за оружје се наоѓа во областа на Џабал ал Мана, јужно од Дамаск, и дека припаѓа на Иранската револуционерна гарда и либанскиот Хезболах.
Иран и Хезболах се воени сојузници на сирискиот претседател Башар ал-Асад во долгогодишната војна против бунтовниците кои се обидуваат да го соборат.
Израел во неколку наврати повтори дека нема да молчи и да гледа како Иран се обидува да воспостави трајни бази во Сирија.
Вчера доцна навечер сириската противвоздушна одбрана гаѓаше „непријателски цели” во близина на Дамаск, а руската агенција РИА објави дека во таа акција е соборен израелски воен авион.
Но, РИА денеска објави дека сириската противвоздушна одбрана погодила неколку цели, но не и израелскиот авион.