(Видео) Заев: Покрај обвинителите, прислушувани биле и судиите

Заев: Покрај обвинителите, прислушувани биле и судиите

Покрај телефоните во Јавното обвинителство, прислушувани биле и оние во Скопскиот суд 1, изјави премиерот Зоран Заев на новинарско прашање, во врска со последните објави на ЈОРМ дека се пронајдени хард дискови со прислушкувани разговори.

„Се работи за систем поставен во централата за внатрешната комуникација на Јавното обвинителство. Исто така знам дека истоветен систем е поставен и во Скопскиот суд 1, и ќе кажат каде сѐ, уште во далечната 2016 година. Некаде тоа е користено, некаде не е користено. Истрагата ќе покаже, кој тоа го користел, кој тоа го злоупотребил, јас верувам дека ги имаат сите наоди“, рече Заев.

Премиерот додаде дека тој бил информиран во моментот кога министерот за внатрешни работи добил информација за истрага, која што е отпочната пролетта. Повеќе детали, како што рече Заев, ќе каже јавниот обвинител кој што работел на истрагата.

„Ова претставува доказ колку била упропастена Република Македонија. Ова се сериозни работи и нема играчки, се работи за приватноста на луѓето. Во конкретниот случај, се следела комуникацијата, колку што сум информиран, внатре, во интерната комуникација на самата институција, како комуницирале јавни обвинители, јавни истражители и што работат“, подвлече Заев.

Тој ги охрабри институциите да продолжат со, како што оцени, храбрите изјави и храбрите истраги, сѐ додека Македонија стане нормална земја.

Треба да знаете
Последни објави