За време на референдумот јас бев набљудувач во Мала речица, тетовско, каде имаше 36 отсто излезност, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Ѓорчев, на денешната расправа во Собранието, каде поентираше дека власта нема легитимитет да го менува Уставот затоа што на референдумот не беше постигнат цензус.
-Од 4 куќи една ви гласала, од четири станови на еден кат еден ви гласал. Немате легитимитет. Во Мала речица, сограѓаните Албанци велеа „Не им е лесно на Македонците, ние Албанците имаме разбирање, нашите сограѓани се чувствуваат погодени, имаат право на име и презиме“. Нема ниедна општина во Македонија каде одзивот беше 50 отсто, рече тој.
Ѓорчев посочи дека македонската страна во Договорот има многу повеќе обврски од грчката.
-Видете како ќе поминете ако отидете во Грција и им речете да си го сменат Уставот. Името Република Македонија, кое го изговараа илинденците, преродбениците, асномците и државотворците, не го промени ни Киро Глигоров, кој рече чувајте го името, ниту Борис Трајковски, кој велеше чувајте го, ни министрите од првата влада на независна Македонија, ни министрите на Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски – рече Ѓорчев.
Тој рече дека не може да стане збор за компромис кога Грците не менуваат ниту буква од својот устав.
Тој ја обвини власта дека 50.000 ливчиња на референдумот биле вештачки наполнети и дека го компромитирала процесот во Собранието.
-Донесовте пратеници да гласат од затвор, мајки уценувавте во овој парламент да гласаат за да си го ослободат својот син. „Гласај па син ти да биде ослободен“, така го бркавте двотретинското мнозинство. Мајки принудувавте. Да живее Република Македонија, нека е вечна и независна – заврши Ѓорчев.