Поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски и Александар Василевски – Нинџа обвинет за „крвавиот четврток“ немаа добро мислење за ексдиректорот Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, односно немаа комуникација за овие работи, избегнуваа да го известуваат него. Овие работи се правеа без знаење на јавната безбедност. Имаше судир помеѓу тие две структури внатре во МВР, изјави денеска во судницата на рочиштето за „крвавиот четврток“, Михаил Младеновски брат на Стефан Младеновски, исто така обвинет за упадот во Собранието на 27 април минатата година.
Во МВР имаше и трета струја, Горанчо Савевски началник во СВР Скопје, Дејан Димовски началник за крвни деликти во СВР Скопје. Во неколку наврнаврати имав комуникација со тие личности кои не прифаќаа да вршат никакви против законски дејствија со цел да ја заштитат групата на Нинџа, односно кој бевме дел од концептот на функционерите на УБК, сведочи Младеновски.
Сакам да и предочам на македонската и меѓународната јавност дека 27 арпил беше најцрн ден во македонската историја, вели тој и додава дека тој настан делувал многу негативно и дадел лоша слика за нашата држава. „Не подели како луѓе по секоја основа. Настанот беше организиран со цел одредени личности да си ги заштитат одредени интереси притоа немислејќи на жртвите“, изјави Младеновски во судницата.
„Свесен сум за последиците, малку доцна, но добро е што одредени сфатија која беше целта на 27 април. Се работи за монструозна конструкција. Во втората половина од 2016 година се запознав со тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, во кафулето „Аристократ“ преку Александар Василевски-Нинџа. Тогаш Нинџа ми кажа дека Атанасовски му е личен пријател со кого имал релации од порано и дека со поставувањето на Атанасовски на чело на УБК ќе добие моќ од аспект на користење на ресурсите во службата, користење на услугите од одредени вработени во службата“, изјави Младеновски.
Обвинетиот во своето сведочење додава дека во целиот тој разговор што го имале тогаш тој добил впечаток, што после го потврдил и Нинџа, дека додека Атанасовски е директор на УБК, ќе има одврзани раце околу важни случувања во Република Македонија.
„После одредено време на 12 декември 2016 година беа изборите во Макеоднија, каде што уште вечерта резултатите беа неизвесни, односно 2 партии прогласија победа. После тоа се случија приговори до ДИК која требаше да одлучува во поглед на истите. Одредени луѓе како Владимир Атанасовски оценија дека преку протести е потребно да се изврши притисок врз ДИК за приговорите кои ќе одат во корист на ВМРО-ДПМНЕ.
Еден ден пред почетокот на протестите пред ДИК имавме средба во „Аристократ“ на која присуствуваа високи функционери на УБК, директорот Владимир Атанасовски, Никола Бошкоски кој моментално е во бегство во Грција, Дејан Димовски-Боксер вработен во Петтата управа, мислам оддел за следење и набљудување, Мери вработена во кабинетот на директорот на УБК. Тука беа и Нинџа, Кољо, како и јас. Тогаш ни беше кажано дека треба да се настапи на протестот пред ДИК каде треба да има машка екипа во првите редови и на одредена насока која ќе ја пренесе Александар Василевски-Нинџа треба да се дејствува со молотови коктели врз зградата на ДИК. Во тој момент се користеа шифри при комуникацијата преку „Вибер“. Шифрата за Нинџа беше „Самурај“ како што и се водел во службите во УБК“, сведочи Младеновски.
Имаше шифра дали ќе треба вечерта да се дејствува кон зградата на ДИК, додава обвинетитот и вели „под шифра 1 беше дека треба да се нападне зградата, односно да се фрлат молотови коктели, кои беа изработени, донесени и ставени позади паркот кај ДИК во една грмушка. Втората шифра беше ситуацијата да остане иста односно да не се изврши напад. Така и остана, така оцени директорот на УБК“. Младеновски во своето сведочење ијзави дека од личен разговор со Бошкоски знаел дека тој ја предводи таа операција по насоки на директорот на УБК, Атанасовски.
„Цело време во „Аристократ“ беа присутни неколку највисоки функционери на УБК кои и претходно ги напоменав. 90 отсто од своето време го поминуваа таму заедно со Нинџа, кој беше нивни прв оперативец, односно десна рака за се што треба да се случи. Разговаравме околу формирање на Владата на РМ, дали ќе се задржи коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ или сепак постојат други калкулации и да дојде до промена на власта. По одлуката на ДИК каде што ја констатираше победата на ВМРО-ДПМНЕ со 51 пратеник тензијата се намали, очекувањата беа дека ќе се формира влада со ДУИ, но набрзо стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ нема да формира Влада“, вели Младеновски на сведочењето за „кравиот четврток“.
По ова, додава Младеновски повторно се интензивирале средбите со функционерите од УБК, кои тогаш им соопштиле дека се започнуваат со протести на „За заедничка Македонија”.
„Мислам на иницијативата „За заедничка Македонија”. Сакам да нагласам дека луѓето кои ја водеа иницијативата, беа перцепирани како лидери, односно имаа симпатии од граѓаните и во нив гледаа идна политичка партија која ќе прерасне од иницијативата. Сакам да направам дистинкција помеѓу луѓето кои ја организираа „За заедничка Македонија” и логистиката која ВМРО-ДПМНЕ ја даваше на тие протести. Кога велам логистика мислам на бензин, возила, автобуси, транспаренти, пропаганден материјал кој се делеше, налепници и слично“, рече Младеновски.
Младеновски сведочи дека во неколку разговори Нинџа го употребувал терминот „надворешна петка” односно, како што изјави тој во своето сведочење, тоаа било група која логистички соодејствувала со УБК. Тоа го нарекуваа „тврдина“ која не може да биде срушена, вели Младеновски.
Младеновски за време на сводечењето споменува и порака која ја добил од Бошкоски. Никола Бошкоски, поранешниот началник во УБК во една прилика ми кажа дека ние сме како јато птици и доколку една птица се одвои ќе биде сама и незаштитена, изјави Младеновски.