Oбвинетиот Михаил Младеновски во своја одбрана пред судот, на денешното рочиште за настанитe во Собранието на 27 април, рече дека тој настан бил креиран од структури во Управата за безбедност и контраразузнавање со цел некои луѓе да си ги задржат своите функции, без разлика на жртвите.
Младеновски, во својот исказ, кажа дека со планот за влез во Собранието се запознал во кафулето Аристократ, преку обвинетиот Александар Василевски Нинџа, кој пак рече дека комуницирал со директор на УБК Владимир Атанасовски.
– Редовно одев во кафулето Аристократ и таму цело време беа присутни високи функционери на УБК, кои беа заедно со Нинџа како нивни прв оперативец. Упадот во Собранието почна да се спрема од овие луѓе уште во февруари, рече обвинетиот Младеновски.
По насоки на УБК Нинџа требаше да следи одредени лица кои, како што кажуваше, се државни непријатели. Објасни дека Нинџа на свое располагање имал две возила од УБК, моторола за следење на целата комуникација на СВР Скопје и полициски значки.
– Нинџа употребуваше еден збор дека ние сме надворешна 5-ка, односно група што содејствува надворешно со УБК. Тоа го нарекуваа пирамида што не може да биде урната. Никола Бошковски во една прилика ми кажа дека сме како јато и ако еден се одвои ќе биде осамена птица и незаштитена, рече обвинетиот Младеновски.
Посочи дека овие работи се правеле без знаење на јавната безбедност.
– Знам дека Владимир Атанасовски лично преку Нинџа го извршуваше својот план кон патриотските движења, кои беа форсирани да се направат за интерес на директорот на УБК, кој го нарекуваше државен интерес. Некаде после 19.30 на 27 април, кога излегов од Собранието сфатив дека сме искористени и изманипулирани од структутите на УБК за мене непознати причини, рече обвинетиот Младеновски.
Објасни дека немале насоки што да прават во Собранието, каде се движел по инерција со толпата и откако излегол се видел со другите во паркот Жена борец.
– Тогаш дојде голф петка со сива боја и застана кај Зегин, спроти Жена парк. Тоа е службено возило на Никола Бошковски. Ни кажаа дека во возилото има оружје и треба да се подели на луѓе кои знаат да ракуваат со оружје. Причината за тоа е зошто имале информации дека доаѓа група Албанци со оружје.
Ама тоа не се случи. Тогаш Синиша од кај претседателот Иванов ни кажа дека ќе се прогласи воена состојба и со воена полиција ќе се апси новото парламентарно мнозинството за државен упад. Таа неизвесност траеше до 22 часот, кога Иванов излезе и повика на смиреност и закажа лидерска средба, изјави обвинетиот Младеновски
За крај, рече дека, тоа е вистината што тој ја знае за 27 април, дека не знае дали неговиот исказ ќе делува олеснително за него, но знае дека има голем интерес јавноста да ја знае вистината.