Четирикратната шампионка Серена Вилијамс (САД) се пласираше во вториот круг на силниот тениски турнир за жени на земјени терени во италијанската престолнина Рим со награден фонд од 3,45 милиони долари.
Поставената под бр.10, Вилијамс ја победи Ребека Петерсон со 6:4, 6:2 за 75 минути игра.
Вилијамс направи четири брејкови во натпреварот и еднаш загуби на свој сервис.
За Американката, тоа беше прв натпревар од март, кога таа се повлече во третото коло на турнирот во Мајами, поради повреда на левото колено.
За последен пат, Вилијамс играше во турнирот во главниот град на Италија во 2016 година, кога и го освои. Нејзините други титули се од 2002, 2013 и 2014 година.
Во вториот круг, Серена може да се сретне со својата сестра и исто поранешна шампионка на турнирот – Венус Вилијамс, ако таа ја победи Елизе Мертенс (Белгија) подоцна денес.