Премиерот Зоран Заев е во официјалната посета на Република Хрватска, придружуван од владина делегација во состав: Кире Наумов, заменик министер за економија, Виктор Димовски, државен секретар во МНР и советници. Официјалната посета на Загреб, премиерот Заев ја почна со тет а тет средба со неговиот колега, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, по што следуваа средба на ниво на владините делегации и изјави на двајцата премиери.
Заев во изјавата изрази огромна благодарарност до граѓаните на Република Хрватска, до неговиот колега и пријател, премиерот Андреј Пленковиќ, до Владата, за искрената, континуирана и силна поддршка што ја даваат на граѓаните и на Република Македонија, во интегрирањето кон ЕУ и НАТО.
Претседателот на Владата, Заев ја посочи како значајна поддршката од пријателска Хрватска во Советот на ЕУ летото, како и во НАТО интеграцијата, и повика таа да продолжи и во иднина.
,,Во Македонија се донесоа важни одлуки. Верувам дека до крајот на јануари парламентот ќе даде поддршка на Договорот со Грција, по што ќе следува и поддршка на Договорот и од страна на Грција, како и на протоколот за членство на Македонија во НАТО. Веруваме дека Хрватска ќе биде една од првите земји што ќе го потпише протоколот за членство на Македонија во НАТО. И дека Македонија ќе биде 30-та земја членка на НАТО. Имаме договор и со Бугарија. Правиме реформи во правосудството, медиумите, јавната администрација, борбата против криминалот и корупцијата. Очекуваме дека ќе почнеме преговори во јуни со ЕУ. Оваа посета на Хрватска е само уште една силна порака за големото пријателство меѓу двете земји”, рече Заев.
Премиерот Андреј Пленковиќ ги поддржа храбрите политики на премиерот Заев и Владата, што конечно отвораат пат кон заслужените ЕУ и НАТО интеграции и најави целосна поддршка од Хрватска во овие процеси. Тој рече дека премиерот Заев и Владата изминатите месеци направиле низа храбри одлуки што ќе се одразат со формално членство во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ во јуни. Премиерот Пленковиќ рече дека Хрватска ќе се заложи за подинамичен преговарачки процес, за Македонија во ЕУ интеграциите да го надополни пропуштеното.
На средбата на ниво на владини делегации се разговараше за актуелни политички прашања во двете земји и за можностите за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена. Премиерот Заев во изјавата и директно ги повика хрвстските компании да инвестираат во Македонија.
Претседателот на Владата Заев и владината делегација, ја продолжуваат официјалната посета на Хрватска со средби со хрватската претседателка на државата, Колинда Грабар – Китаровиќ и со претседателот на Собранието на Република Хрватска, Гордан Јадроковиќ. Утре, премиерот и владината делегација што ќе го придружува, ќе учествуваат на Самитот на шефови на влади на земјите од Централно Европската Иницијатива (CEI).