Хрватскиот фудбалер Лука Модриќ стави круна на својата кариера со освојување на Златната топка синоќа во Париз.
Тој истакна дека еден од најзаслужните во овој процес е неговиот поранешен тренер во Реал Мадрид, Зинедин Зидан, кој уште во јануари, 2016 година му рекол дека може да ја освои оваа награда.
Зидан на почетокот на 2016 година го презеде Реал Мадрид откако Рафа Бенитез доби отказ и оттогаш со „кралскиот клуб“ освои три последователни титули во ЛШ.
Модриќ во тие две и пол години заедно со Серхио Рамос и Кристијано Роналдо беше главен играч на Реал, а уште од првиот ден на тренерската позиција, Французинот јасно му кажал на играчот за врска што очекува од него.
„Никогаш нема да го заборавам тој миг, беше јануари 2016 година, а Зинедин Зидан само што беше назначен за нов тренер на Реал Мадрид. По првиот тренинг ме викна во канцеларија и ми објасни што мисли за мене и за каков играч ме смета, а ми кажа и што очекува од мене. Ми рече дека сум клучен играч во сите негови планови и дека сум играч кој би можел да ја освои Златната топка“, откри Модриќ.
Отворено рече дека отсекогаш му се восхитувал на Зидан како играч, но и дека е многу важно што во него гледал и пример за во животот општо, бидејќи и двајцата се мирни и повлечени.
„Кога некој како Зидан ќе ви каже нешто такво, со неговите квалитети и сѐ што има направено во кариерата, самодовербата ви се крева во незамисливи височини. Му се восхитував како играч, а како што се развивав како фудбалер, гледав во него и пример за човек, бидејќи и јас сум мирен како него“, рече 33-годишниот Модриќ.