Британската премиерка Тереза Меј изјави дека Договорот што го постигна со ЕУ за Брегзит, а кој Парламентот допрва треба да го одобри, не е совршен, но е „најдобриот можен” договор.
Таа нагласи дека со таков Договор не се доведува во ризик Велика Британија да се најде во ситуација да бира помеѓу Брегзит без договор или воопшто да не ја напушти Унијата.
-Не велам дека овој Договор е совршен. Никогаш нема да биде, истакна Меј во британскиот Парламент, во пресрет на клучното гласање за нејзиниот план за Брегзит, закажано за 11 декември.
Таа додаде дека Велика Британија не би требало да дозволи потрагата за „совршен Брегзит може да спречи добар Брегзит”.
Од друга страна, поранешниот министер за надворешни работи на Велика Британија Борис Џонсон изрази надеж дека Парламентот ќе гласа против договорот за Брегзит.
Џонсон договорот го нарече „национално понижување, со кој е исмеана одлуката да се напушти ЕУ”.