Според , Златото е исфрлено од врвот на побарувачката од неговиот сестрински метал, констатира магазинот Блумберг, анализирајќи го последниот пораст на цените на паладиумот на светскиот пазар. Паладиумот, со златото, среброто и платината, е еден од скапоцените метали со широка примена во економијата, а во моментов е најмногу баран во автомобилската индустрија.
Блумберг се повикува на најновите показатели на тргување со метали за непосредна испорака на Лондонската берза, според која, паладиумот достигнал цена од 1.252 американски долари за унца, додека цената на златото е еден долар поефтино.
– Понудата на паладиумот е многу ограничена, така што за ценовниот однос на паладиумот и златото е важно колку е слаба или силна понудата на двата производи, коментира Чираг Сет, консултант на лондонски Metal Focus.
Растот на побарувачката за паладиум е поврзана со зголемената употреба на овој метал во уредите за контрола на издувните гасови. Бидејќи паладиумски катализатори се користат во „бензинците“, кои се моментално попродавани од „дизелашите“ поради познатата афера со фалсификуваните индикатори за загадувањето од дизел моторите, тоа придонесе за раст на побарувачката за паладиум.
Според достапните податоци, лани во рудниците ширум светот биле ископани само 208 тони паладиум. Земјите со најголеми резерви на паладиум се Русија и Јужна Африка, од кои секоја во моментов произведува 30 до 40 проценти од глобалното производство. Останатите главни резерви на овој скапоцен метал се наоѓаат во Канада, САД и Зимбабве.
Бидејќи Русија има значаен дел од светскиот пазар на паладиум, порастот на цената на тој скапоцен метал веројатно е последица и од упорноста на САД и нејзините сојузници во економските санкции кон Москва. Зголемувањето на цените на паладиумот на Лондонската берза речиси е непрекината од 2015 година, што се совпаѓа со воведувањето и зајакнувањето на санкциите на Западот врз Русија.
Освен во автомобилската индустрија, паладиумот се користи во производството на накит, во електрониката, градежните материјали, како и во медицина за производство на стоматолошки пломби и хируршка опрема.