Општина Гази Баба во текот на вчерашниот ден заплени еден тон отпадни гуми планирани за греење во ромското маало во Ченто, пред бензинската пумпа на „Макоил“. Ова е само една од мерките што оваа општина и надлежните инспекции ги преземаат против загадувањето, соопшти СДСМ. Од таму велат дека заедно со Инспекторатот на Град Скопје, Јавното комунално претпријатие и МВР, Општина Гази Баба спроведе слична акција на дивата депонија Вардариште заплени уште еден тон стари и уништени гуми што се палеле на отворен простор.
„Последиците од 11 годишното игнорирање на проблемот со загадувањето и системското уништување на зеленилото и животната средина од страна на ВМРО-ДПМНЕ се уште се чувствуваат. За разлика од таквиот неодговорен и игнорантски однос на криминалната власт на ВМРО-ДПМНЕ денес, сите надлежни институции, Владата, наделжното министерство, Град Скопје, општините активно се вклучени во решавање на проблемот со аерозагадувањето“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека борбата против загадувањето е секојдневна, континурано се преземаат мерки за решавање на долгогодишниот проблем и за санкционирање на загадувачите.
„Засилено се расчистуваат диви депонии низ сите општини низ државата и се санкционираат загадувачите. Коритата на реките и каналите редовно се чистат од наноси на смет, градежен шут и комунален отпад. Се преземаат акции за рачно миење на градските улици и булевари за намалување на прашината и ситните честички, а во училиштата се поставуваат прочистувачи на воздух. Уште серија на други мерки се преземаат низ здружена и координирана активност на повеќе институции во борбата против загадениот воздух“, велат од СДСМ и додаваат дека претстои уште многу работа, проблемот не може да се реши одеднаш, но сериозно и посветено се работи за намалување на загаденоста на воздухот.