Заев во посета на Државното правобранителство, на средба со правобранителите од Република Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска го посети Државното правобранителство и оствари средба со правобранителите од Република Македонија, предводени од државниот правобранител Фехми Стафа.
На средбата се разговараше и за можностите за подобрување на условите за работа на оваа институција, како и за можностите поврзани со коефициентот за пресметување на платите на јавните правобранители.
Премиерот Заев посочи дека институцијата е важна за Република Македонија, затоа што е фактор во заштитата на државата во судските постапки.
Премиерот ги информираше правобранителите за намерите на Владата, да помогне во подобрување на условите за работа на правобранителството и службите во оваа институција, и истакна дека во соработка со МВР изнајдено е решение за проблемот со обезбедувањето на јавното правобранителство.
„Одлучни сме да ги подобриме условите за работата и да ја поддржиме модернизацијата на оваа институцијата. Тоа е составен дел во ефикасноста на процесите, што влијае и на останатите институции и животите на граѓаните“, рече премиерот Заев пред Правобранителите.
Премиерот Заев апелираше правобранителите да сторат се што е во нивна надлежност да се динамизираат процесите на денационализација, да нема застои. Тоа, додаде Заев, ќе допринесе кон економски исплатливо користење на имотите кои се заглавени во тие случаи, од кое бенефит ќе имаат и државата и граѓаните на Република Македонија.
Правобранителите на средбата изразија благодарност за посетата и задоволство од поддршката на Владата за обезбедување кадровски и логистички услови за подобрување на работата на оваа институција.
Обезбедувањето опрема за дигитализација на Архивата и на сите предмети што во иднина ќе се примат за работа и напорите да се воведе електронски систем се клучни за зголемување на ефикасноста.
Државниот правобранител, Стафа, ги поздрави напорите на Владата за подобрување на условите за работа и се заблагодари за оваа прва посета на премиер на оваа државна институција.
Тој изрази надеж дека ваквата комуникација ќе продолжи со цел продлабочување на соработката, подобрување на условите но и на ефектот од работата на правобранителството.