СДСМ: Секојдневно одекнуваат сведоштва како работеле МВР и УБК во минатото
Секојдневно се објавуваат докази и одекнуваат сведоштва како работеле партизираните институции МВР и УБК во минатото, реагира СДСМ по прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Граѓаните секојдневно гледаат што се случувало за време на 11-годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Секојдневно се објавуваат нови докази, одекнуваат сведоштва за монструозни планови и тешки злоупотреби на партизираните институции, на МВР, на УБК, во време на режимот на Никола Груевски. Сите овие злоупотреби биле координирани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е истата партија чиј генерален секретар бил Христијан Мицкоски, човекот што добил бизниси за хидроцентрали од владата на Никола Груевски“, се вели во соопштението на СДСМ.
Партијата додава дека ВМРО-ДПМНЕ е симбол за криминал и симбол за злоупотреба на институциите за најголемиот скандал за прислушување во Европа.
„Граѓаните многу добро знаат кој со години нелегално ги следеше нивните комуникации. Јавноста и граѓаните се згрозени од вистината, од начините на кои ВМРО-ДПМНЕ вработувала во УБК, како незаконски ги следела лидерот на тогашната опозиција Зоран Заев и тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, како ги снимала домовите на новинари и интелектуалци противници на режимот. Низ јавна, транспарентна постапка, преку сведочења на обвинети лица, јавноста дозна за монструозноста на планот на ВМРО-ДПМНЕ дури и по цена на човечки жртви да не дозволи пад на нивниот режим“, додава СДСМ.
По сите овие признанија, сметаат социјалдемократите, врв на лицемерие е ВМРО-ДПМНЕ некого да обвинува за незаконско следење.