По дводневните студентски протести во Тирана, Елбасан и Корча, албанската Влада го укина членот од Законот за високо образование со кој се предвидуваа нови тарифи за повторен упис на година и за полагање заостанати испити.
Одлуката на Владата ја соопшти албанската министерка за образование Линдита Никола, која искажа подготвеност да се исполнат другите барања на студентите и ги повика ректоратите на Универзитетите да ги решат останатите проблеми со кои се соочуваат студентите.
– Владата денеска ја укина одлуката која е поврзана со тарифите. Повеќе нема дополнтелно плаќање за студентите кои изгубиле година. Што се однесува до намалување на тарифата за студирање за 50 отсто, тоа е во надлежност на универзитетите, рече Никола.
Таа најави дека ќе биде формирана работна група за разгледување и решавање на проблемите.
Со предлогот на министерката студентите не се согласуваат и бараат итно исполнување на сите нивни барања. Тие најавија продолжување на протестите, кои од пред Министертвото утре се селат и пред Владата во Тирана.
Студентите уште бараат во управите на унверзтетите да има нивен претставник, потоа подобрување на условите во домовите за сместување и преполовување на тарифата за студирање.
Тие денеска апелираа до партиите да не доаѓаат на нивните протестите.