Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска и утре ќе престојува во Португалија, во работна посета на Лисабон. За време на работната посета на оваа земја, премиерот ќе има одвоени средби со премиерот на Португалија, Антонио Коста, и со премиерот на Шпанија, Педро Санчез.
Како што соопшти владината прес-служба, Заев ќе оствари работна средба и со Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, која заедно со него ќе учествува и на панелот што ќе го модерира претседателот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), Сергеј Станишев.
За време на посетата на Лисабон претседателот на Владата ќе учествува и на лидерската средба на шефови на влади и високи претставници на сестринските партии на ПЕС.
Заев ќе биде дел и од Конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) на кој треба да биде избран заедничкиот кандидат на ПЕС за претседател на Европската Комисија, чиј избор треба да се случи после изборите за Европскиот Парламент идната година.