Еколошки здруженија поднесоа жалба до ЕЕЗ против Приштина

Пет локални и меѓународни еколошки здруженија денеска поднесоа жалба до Европската енергетска заедница (ЕЕЗ) против властите во Приштина, оспорувајќи ја законитоста на договорот со кој се обврзаа на купување на целокупното производство на електрична енергија од идната електрана за јаглен, вредна 1,3 милијарди долари.

Енергетската компанија „Контур Глобал”, која котира на Косовската и Лондонската берза, на 3 мај избра конзорциум составен од подружницата на „Џенерал Електрика” за изградба на фабрика за јаглен со капацитет од 500 мегавати, што треба да ја обезбеди речиси половината од побарувачката за енергија во Косово.

Владата во Приштина со 20-годишен договор, кој чека на ратификација во Парламентот, се обврза на купување на вкупното производство на струја од таа електрана.

Изградбата на електраната треба да почне оваа година.

Моментално околу 90 проценти од косовската електрична енергија се произведува во двете електрани за јаглен – „Косово А” и „Косово Б”, кои се меѓу најголемите загадувачи во Европа.

Владата претходно објави дека новата електрана, која ќе го замени „Косово А”, ќе согорува 40 отсто помалку јаглен и ќе ослободува 20 пати помалку емисии на штетни гасови.

Еколошките активисти сметаат дека овој договор ќе го „притисне” косовскиот буџет и ќе доведе до зголемување на цената за потрошувачите.

Во жалбата е наведено дека договорот не е во согласност со правилата на ЕЕЗ, бидејќи „Контур Глобал има повеќе привилегии со кои е во предност во однос на останатите произведувачи на енергија”.

Косовската Влада засега не се огласи во однос на жалбата.

Треба да знаете
Последни објави