Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, го отвори и се обрати на Форумот насловен „Зајакнување на европската интеграција на Западен Балкан – лекции од минатото, подготовка за иднината“.
На форумот учествуваа претставници на највлијателните „Think tanks“ организации од регионот, а истиот се одржува во рамките на Берлинскиот процес во пресрет на овогодишниот самит во Познан, Полска.
Говорејќи врз примерот на Северна Македонија, Жерновски ја истакна важната улога на регионалната соработка и градењето на добрососедските односи.
„Главна лекција која треба да се научи од минатото е земјите да работат на јакнење на демократизацијата на своите општества, што е предуслов за изградба на успешен механизам за справување со популистичките и националистичките сили“, истакна Жерновски.
Тој укажа и на одржување на кредибилитет на процесот.
„ЕУ треба да даде силна и конкретна поддршка на проевропските и реформските сили во регионот, со цел да се напредува и да се внесе нова динамика на интеграцијата во ЕУ“, заклучи Жерновски на панелот.