Шведскиот ветеран Златан Ибрахимовиќ ќе остане дел од тимот на Лос Анџелес Галакси и во наредната сезона, откако синоќа спортскиот директор на Милан, Леонардо, излезе со официјална изјава дека преговорите помеѓу напаѓачот и италијанскиот клуб не вродија со плод.
Раководството на Милан беше подготвено да го врати Златан Ибрахимовиќ во црвено-црниот дрес, но Швеѓанецот одлучи да не се врати во Италија и наместо тоа да го продолжи договорот со Лос Анџелес Галакси.
„Тој даде збор дека ќе го продолжи договорот со Галакси доколку клубот ги задоволи неговите финансиски услови. Тие го направија тоа и Златан го прифати новиот договор, па затоа нема да пристигне во Милан во јануарскиот преоден рок“, изјави Леонардо, спортскиот директор на Милан.
Златан Ибрахимовиќ беше дел од тимот на Милан кој го освои последното Скудето во историјата на клубот и во две сезони во Милано успеа да постигне 50 гола. Проблемите во нападот на италијанскиот клуб се евидентни и поради тоа раководството се сврте кон 37-годишниот напаѓач, кој беше опишан како идеалното краткотрајно решение кое ќе го засили тимот во јануари.
„Ќе беше навистина убава приказна ако тој се вратеше бидејќи тоа ќе му помогнеше на тимот во вториот дел од сезоната. Не можам да негирам дека и двете страни беа заинтересирани, но едноставно не постоеја услови за трансферот“, додаде Леонардо.