Израелскиот претседател Риевен Ривлин на премиерот Бенјамин Нетанјаху му одобри дополнително време за формирање влада, што значи дека коалицијата треба да биде составена до 29 мај.
Израелските медиуми наведуваат дека причина за дополнителното време се националните празници.
Натанјаху преговара со речиси сите десни, националистички и верски партии, кои се дел и од досегашната влада. Ниту една партија во Израел никогаш не добила апсолутно мнозинство во 120-домниот Кнесет. Доколку Нетанјаху успее да состави влада, тој ќе го почне рекордниот, петти, мандат и со тоа ќе го надмине Давид Бен-Гурион, еден од основачите на Израел, кој беше на власт 15 години.
Предвремени парламентарни избори во Израел беа одржани на 9 април.