Ако ја намалите количината на храна што ја внесувате во текот на денот, дали навистина желудникот со тек на време ќе ви стане помал, па ќе ви бидат доволни помали порции за да не чувствувате глад?
Сите сме ги слушнале теориите дека ако јадете помалку, по некое време организмот почнува да ви „бара“ помалку храна, па апетитот се „ресетира“ и со тек на време желудникот се „намалува“. Ако тоа ви звучи смешно, тоа е така бидејќи е смешно, велат лекарите.
Намалувањето на желудникот сепак е само мит.
Да, желудникот е еластичен, објаснуваат лекарите. Тоа е корисно, на пример кога ќе изедете обилен оброк. Откако ќе ја сварите таа храна, желудникот ќе се врати на својата првобитна големина.
Но, нема да продолжи да се „собира“, дури и ако почнете да јадете многу помалку отколку вообичаено. Големината на желудникот кај повеќето луѓе е горе-долу иста, без разлика на тежината на човекот.
Инаку, би се очекувало дека големината на желудникот кај луѓето кои немаат прекумерна тежина да е многу помала отколку кај оние со вишок килограми, но тоа не е така, стои во студијата објавена во стручно списание.
Човечкиот организам е така создаден да може да ја прифати количината на храна што му е неопходна за да ги задоволи енергетските потреби, дури и во време кога нема доволно храна, на пример во периоди на општ глад, какви што имало низ човечката историја.
Кога желудникот би се намалувал кога јадеме помалку, тоа не би завршило добро.
Она што навистина се случува во телото е следново – се зголемува чувството на глад кога внесуваме помалку калории од потребното.
„Телото почнува да мисли дека ќе се изгладнете и се јавува комбинирана физиолошко-хормонална реакција со која организмот се обидува да ве натера да јадете повеќе и да се вратите на килажата што ја доживува како ‘нормална’’, стои во извештајот од студијата.
Организмот се преплавува со хормонот на глад грелин и затоа кога сме на строг режим на исхрана за да слабееме, ни е уште потешко да оддолееме на храна.
Истовремено, температурата на телото опаѓа и метаболизмот се забавува, како дел од „очајничките“ обиди на нашиот организам да ја зачува скапоцената енергија потребна за да функционира.
Затоа, ако сакате да слабеете, треба постепено да го намалите количеството на храна што го внесувате и да внимавате повеќе на квалитетот, отколку на квантитетот на вашите оброци.
Наместо да гладувате, постепено намалувајте го бројот на калории дневно, за 100-200 калории. Тоа е сосема доволно за да почнете постепено да слабеете без негативни последици по вашето здравје и вашиот метаболизам.