Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов и европратеникот Андреј Ковачев во изминатите денови излегоа со низа реторични изјави кон Македонија. Каракачанов најави дека ќе го оспори членството на Македонија во ЕУ, оти не го признава македонскиот јазик, како и дека Македонија ја фалсификува историјата додека пак Ковачев, рече дека за него македонскиот јазик е западнобугарски дијалект и оти посакува релацијата меѓу Македонија и Бугарија да е како онаа на Грција и Кипар.
МИА консултираше експерти да ги оценат овие изјави, и како тие, според нив, можат да влијаат на македонско-бугарските односи.
Професорот Владо Поповски, во изјава за МИА, оцени дека овие изјави треба да се сфатат како индивидуални, како лично мислење, иако некои од нив имаат и некои официјални позиции, на пример како министерот Каракачанов или како европратеникот Андреј Ковачев. Тој, меѓутоа, смета дека релациите меѓу бугарската Влада и македонската Влада со потпишаниот Договор за пријателство и соработка се едно друго ниво и еден друг однос на Бугарија кон Македонија.
-Ќе има веројатно и други изјави и тие повеќе зборуваат, укажуваат на тоа дека треба да се остави релацијата да функционира меѓу Владите, заедничката комисија да продолжи да работи околу учебниците, а некои нејасни работи дали постои македонски јазик или не постои македонски јазик нека остават на науката, на славистиката, па конечно и во Бугарија има претставници и од науката кои имаат различно мислење во однос, на пример, на изјавата и на Кракачанов и на Ковачев, рече Поповски за МИА.
Смета дека денес да спориме и да се нервираме со поединци нема никаква смисла, затоа што во славистичката наука, посочи тој, почнувајќи од Харвард до Москва има светски слависти кои го имаат искажано својот став за постоење на македонскиот јазик во заедницата на словенските јазици, бидејќи тој не се преклопува ниту со бугарскиот, ниту со српскиот јазик.
-Ковачев покажа на телевизија, видовме еден документ писмо од Битола од 1862 година кое што е пишувано на бугарски јазик. На Ковачев можеме да му покажеме многу документи на пример од Битола, од истиот тој период од 1850, 60, 70 година што се пишувани на пример на грчки јазик, на српски јазик, на македонски говорен јазик со грчки букви, или на македонски говорен јазик со словенска ортографија, рече Поповски.
Посочи дека станува збор за еден период во кој Македонија немаше своја држава, немаше ниту стандардизиран јазик, но имаше говорен јазик и оти не треба да се заборави дека во таа иста деценија крајот на 50 и 60-тите години има учебници пишувани на македонски јазик.
-Тука се на пример учебниците на Партенија Зографски, учебниците на македонски јазик на Кузман Шапкарев, подоцна нешто во Бугарија на пример во Пловдив има издадено драма за Димитар војвода на македонски јазик, драма во еден чин, има на пример кај Мачуковски 1871 година обид дека пишува граматика на македонскиот јазик и слично, што значи во една ситуација во која што блиските словенски народи, преку писмата имаат оставено траги, истакна Поповски.
Потсети дека во Бугарија, покрај изјавите на Каракачанов и Ковачев, има и други реакции кои не ги одобруваат нивните изјави.
Смета дека од учебниците треба да се отстрани говорот на омраза и во Бугарија и во Македонија.
-Полето на науката мора да биде отворено на истражување. Не може науката да зависи од политички став. Меѓутоа овој политички договор меѓу Македонија и Бугарија е надминување на антимакедонскиот и антибугарскиот принцип, или став, што се претвора во априорно непријателско расположение и во говор на омраза меѓу два извонредно блиски народи, како што блискоста на македонскиот народ е исто така и со српскиот народ, и прашањето на заедничката историја не е само со Бугарија, рече Поповски.
Во изјавата за МИА, Поповски оцени дека од најрана доба до денес и тие генерации знаеле да живеат заедно и во добро и во лошо и да си помагаат, а фактите што имаат историско зачење треба да се изнесуваат апсолутно со документи во науката, да се публикуваат и да се дискутира за сешто имаат како аргументи и други соговорници во тој ист процес